Дали некогаш ви се случило да купите и да зготвите ориз, но вкусот да биде различен од оној на којшто сте навикнале? Или е премногу крцкав, или е премногу тврд, или мириса на прегорено…?!
Ако ви се случило такво нешто, тогаш најверојатно сте имале (не)среќа да налетате на лажен, пластичен ориз, обично е изработен од компир и од синтетичка смола.
Ваквиот ориз, претпоставувате, е кинески производ, направен во лабораторија и неговото прво појавување на пазарот во Европа и на Балканот беше регистрирано во 2017 година.
За да не наседнете на ваквата измама ве советуваме секогаш внимателно да ги проверувате декларациите и да ги читате налепниците на кои се испишани состојките на производот.
Лажниот ориз обично има изразена бела боја, поинаква од вообичаениот бел ориз и има многу чуден мирис, најверојатно на некои хемикалии.
Порталот Денар разговараше со експерти чија професија е да го следат квалитетот на храната што се продава на рафтовите во маркетите, па како што накратко ни посочија, за ваквиот лажен ориз одамна некој се нема пожалено, но признаваат дека низ годините се продавале голем број вакви производи во супермаркетите.
-Имам слушнато дека сега ваквиот ориз во моментов се појавил во хрватските супермаркети, но кај нас засега никој не пријавил дека купил таков производ. Инаку, станува збор за вештачки ориз произведен во кинеските лаборатории, а за негово производство се користи пченкарен скроб кој се меша со пластика, односно со синтетичка смола и од таа смеса се формираат зрнца вештачки ориз. Откако ќе дојдат до оваа фаза, секое зрнце го прскаат со арома од вистински ориз за потрошувачите да не можат да го забележат фалсификатот. Многу е штетно за јадење и се проценува дека три вакви порции ориз имаат исто влијание врз здравјето како да сте изеле една цела пластична ќеса за пазарење – посочува соговорник за Денар.
Тој дели неколку совети како да проверите дали вашиот ориз е вистински или пластичен.
-Ставете малку ориз во чаша со ладна вода. Ако сите зрнца потонат на дното, тогаш јадете го оризот без никаков проблем, бидејќи станува збор за вистински ориз. Но, доколку зрнцата лебдат на површината, веднаш фрлете го затоа што е пластичен и е штетен по здравјето. Друг начин за да го проверите оризот е да запалите неколку зрнца, па ако веднаш почнат да горат и да мириса на пластика, тоа значи дека е фалсификуван производ. Обидете се и да го сомелете, односно да го истолчите оризот. Вистинскиот производ ќе даде бел скробен прав, а вештачкиот ќе има жолта боја – објаснува експертот.