Македонија се соочува со сериозен дефицит на мајстори-занаетчии, бидејќи најголемиот дел од нив веќе одамна си ја најдоа среќата во странство каде што навистина се цени нивната работа и добро се заработува.
Но, работодавачите во земјава полека почнуваат да сфаќаат како стојат работите и почнаа да се будат од капиталистичкиот сон со тоа што на занаетчиите кои сè уште се останати овде им нудат брда и долини само за да работат во нивната компанија.
Па така, работодавачите во земјава воопшто не штедат кога треба да најдат професионален возач на камион или на автобус, водоинсталатер, електричар. Луѓето кои се занимаваат професионално со овие професии, како што дознаваме, добиваат месечна плата од 1.000 до 3.000 евра.
Според економските аналитичари со коишто разговараше Денар, најголеми можности за вработување имаат продавачите, возачите, магационерите, административните работници и комерцијалистите.
-Од година во година се јавува сè поголем недостиг на работна сила, па во земјава нема доволно занаетчии, возачи, готвачи, фризери, козметичари, угостители, автомеханичари, но и градежници. Според нашите истражувања, платите кои им се нудат на овие позиции се движат од минимална плата која изнесува 20.000 денари, па сè до неколку илјади евра, иако на прв поглед ова делува неверојатно. Анализите покажуваат дека највисока плата што му е понудена на еден главен готвач во Скопје изнесува 180.000 денари, а плата поголема од 1.000 евра добиваат некои месари и металостругари, фризери и козметичари. Пекарите и бурек-мајсторите заработуваат и до 75.000 денари, а автомеханичарите добиваат и 100.000 денари месечно. Кога станува збор за келнерите и шанкерите, тие дневно заработуваат околу 1.500 денари – објаснуваат експертите.
Според последните податоци, магационерите во главниот град заработуваат околу 1.000 евра месечно, административните работници добиваат и до 1.500 евра, а професионалните возачи на камиони заработуваат околу 3.000 евра во месецот.
Владата веќе работи на Сеопфатната стратегија за образованието 2018 – 2025 која има посебен дел посветен токму на средното стручно образование.
„Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила, системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис-секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна“, се наведува во документот.
Стратегијата има четири приоритети за стручните училишта: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука, подобрување на капацитетите на човечките ресурси.
Извор: denar.mk