Немање перспектива, лоша општа клима, ниски плати, кршење на работничките права... - ова се само дел од двигателите на се помасовното иселување на младите и образовани луѓе од Балканот. Сепак има и земји од Балканот кои се атрактивни за жителите на посиромашните балкански земји, па младите заминуваат на работа таму.
Според деталната анализа, во Хрватска во првите седум месеци се издадени над 100.000 работни дозволи за странци. Во набљудуваниот период, најмногу дозволи се издадени на државјани на Босна и Херцеговина - 25.213. Граѓаните на Србија се на второ место со 17.395 издадени одобренија, додека на трето место се Непалците - 13.325. На четврто место се граѓаните на Македонија на кои им се издадени 10.322 работни дозволи.
Според статистиката, во Хрватска во седумте месеци од годинава нов дом нашле 8.242 Индијци, а нешто помалку од Индијците во соседна Хрватска пристигнале косовски државјани. Издадени им се 6.524 лиценци за различни работни места. Меѓу 10-те земји од кои работниците решија да се иселат и да најдат подобра иднина во Хрватска се Филипините, Бангладеш, Турција и Албанија.
Водечка гранка за која се издадени дозволи е градежништвото со издадени 39.146 одобренија, додека на второ место е секторот туризам и угостителство со 37.022 одобренија. Нови работни места во индустријата нашле 13.260 странски работници, во транспортот и врските 5.742, додека во трговијата во Хрватска се вработени 3.094 странци.
Како што е прикажано во инфографикот на Pixsell, од вкупниот број издадени дозволи, 20 отсто се продолжени, додека дури 64,6 отсто се издадени по основа на нови вработувања. Во вкупниот сооднос на сезонски работници тој изнесува 15,3 отсто.
Поради брзото иселување и работодавачите во Македонија се принудени да увезуваат работна сила, а според податоците на Заводот за вработување, само во јуни годинава биле доделени 179 работни дозволи на странски државјани.
Извор: faktor.mk