Градоначалникот на Чикаго ги повика сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси кои македонските Американци ги имаат во САД и истакна дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава
Откако гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември, сега и градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, го прогласи септември за Месец на македонско-американското наследство, објави Гласот на Америка на македонски јазик.
„Чикаго е дом на горда и динамична македонско-американска заедница која го зацврсти градот во делот на уметноста и музиката, бизнисот и финансиите, правото и владата, образованието, социјалните услуги, науката и медицината“, вели градоначалникот Џонсон во известувањето кое го пренесе Гласот на Америка на македонски.
Тој ги повика сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси кои македонските Американци ги имаат во САД и истакна дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава.
Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде што градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на месецов.
Ова следува откако во јули годинава републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која септември 2023 година би се прогласил за Месец на македонско-американско наследство при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД.
Резолуцијата е по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), а таа прво треба да биде одобрена од сенатскиот Комитет за правосудство, пред за неа да гласа целиот Сенат.
На 23 септември годинава, во Чикаго се очекува да пристигне претседателот Стево Пендаровски каде што ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.