Прифатен е усогласениот текст на Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки помеѓу државите од Западен Балкан, соопштија од Владата по одржаната 190. седница.
По успешно завршените преговори за склучување на Договорот за взаемно признавање на професионалните квалификации за доктори, стоматолози и архитекти од минатогодишниот Самит на Берлинскиот процес, работните групи го продолжија заокружувањето на Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за останатите четири регулирани професии.
„Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Договорот за слободна трговска соработка на Централна Европа се заснова на принципот на автоматско признавање согласно Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за признавање на професионални квалификации и е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ, во рамките на сите шест земји од Западен Балкан“, велат од Владата.
Дел од иницијативата за формирање на Регионален економски пазар 2021-2024, согласно заклучоците од Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Софија (2020 година).