Септемвриската инфлација на годишно ниво се симна на 6,6 проценти, покажуваат новите податоци на Државниот завод за статистика.
Тоа се уште е далеку од посакуваниот праг од 2-3 проценти, за кој економистите велат дека е развоен. Особено ако се земе предвид дека во септември 2022 во однос на септември 2021 година имавме инфлација од дури 18,7 проценти. Додека, пак, во септември 2021, од кога почнаа првите знаци на високата инфлација, трошоците за живот се зголемиле за 3,7 проценти во однос на септември 2020 година.
Преведено во апсолутни бројки – значи дека тоа што сме можеле да го купиме за 1.000 денари во 2020, во 2021 чинело 1.037 денари, во септември 2022 било 1.230 денари, а во септември годинава веќе добило цена од 1.310 денар, пресмета порталот Пари. Односно, во период од 3 години трошоците за истите производи се зголемиле за 31 процент.
Годишна инфлација во септември
КОЛКУ ПОСКАПЕЛА ХРАНАТА ЗА 365 ДЕНА?
Она што загрижува најголем дел од граѓаните во време на висока инфлација е како да се прехранат и да платат сметки. Во моментов, во фокусот на политиките на македонската Влада, но и на владите од околните земји, е да се заузда дивеењето на цените на храната кое се смета за неоправдано.
Според одлуките на нашата Влада, цената на основната храна се замрзна на висина од 1 август и се намали за 10 проценти, се донесе одлука и за намалување на цените на дел од пијалаците за 10 отсто во однос на изложената цена која била важечка на 19 септември 2023 година, а донесена е и одлука и за утврдување на највисока трговска маржа за зеленчукот и овошјето.
Претходните податоци за растот на цените на храната се навистина разочарувачки. Во септември имаме годишен раст на цените на храната од 7,8 проценти, а во август растот на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци бил 10,8 проценти во однос на претходната година. Податоците покажуваат дека особено се зголемиле цените на месото, на овошјето и на зеленчукот.
Септември годишен раст на храна
КАКО Е ВО СЛОВЕНИЈА?
Од националните статистички агенции на земјите од поранешна Југославија, само Македонија и Словенија имаат податоци за септемвриската статистика, додека во другите земји последните податоци се за августовската инфлација.
Ако се споредат Словенија и Македонија, може да се види дека септемвриската инфлација во Македонија од 6,6 % е помала од онаа во Словенија која изнесувала 7,5%.
Но, како е на подолг рок?
Словенија долго време имаше значајно пониска инфлација од сите земји во регионот. Така во септември 2022 годишната инфлација била 10 проценти, а во 2021 изнесувала 2,4 проценти. Или, како што покажува нашата пресметка, она што Словенците го купувале за 100 евра во септември 2021, во септември 2023 година го плаќаат 121 евро, или трошоците за живот за 3 години им се зголемиле за 21 процент, за разлика од нашите 31 процент.