Додека многу работници во земјава се борат за преживување со минимална плата од 20.000 денари, има и такви кои заработуваат големи пари, но затоа, пак, по цели денови работат како мравки.
Едни од нив се багеристите, кои во моментов се најбарани на пазарот на труд и кои држат цена на своите услуги.
Денар разговараше со 48-годишниот Зоран од Скопје, кој поседува два багери – еден мал и еден голем.
Тој вели дека не може глава да крене од работа, бидејќи има многу повици од градежни фирми, а најмногу од приватни лица.
„Со багерите работам од утро до вечер, а понекогаш и преку ноќ. Можам да се пофалам дека дневно заработувам околу 30.000 денари само со багерите и со продажба на песок. Немам време да ги потрошам парите, само ги таложам во банка – се пошегува нашиот соговорник.
Тој додава дека никогаш не би прифатил да работи за плата под 3.000 евра, бидејќи тоа е минимумот што му треба за да ги покрие трошоците за гориво, одржување и амортизација на машините.
„Ние багеристите сме дефицитарни во земјава. Нема доволно квалификувани и искусни луѓе кои знаат да работат со овие машини. Затоа можеме да си ја поставиме цената како што сакаме”, вели тој.
На огласниците, пак, многу компании објавуваат огласи во кои бараат багеристи, а им нудат месечна плата и до 2.000 евра.
Но, според нашиот искусен соговорник, тоа не е доволно за да ги привлечат најдобрите во оваа област.
„Лично јас не би прифатил да работам за фиксна плата, бидејќи можам да заработам повеќе самостојно. Плус, ако работам за компанија, морам да се придржувам на нивните правила и рокови, а тоа не ми одговара”, вели Зоран.
Тој смета дека багеристите заслужуваат да имаат висок стандард на живот, бидејќи тие се одговорни за изведбата на важни градежни проекти.
„Без нас, немаше да има ниту една зграда, ниту еден пат, ниту еден мост. Ние сме тие кои го менуваме лицето на градот и на земјава. Затоа, не треба да се чудите зошто заработуваме добро”, заклучува нашиот соговорник.