Уставниот суд на Црна Гора донесе одлука за укинување на одредбите од членот 17 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој до неодамна им дозволуваше на жените правото на пензија да го остварат на 64 години.
Тоа значи дека вработените во Црна Гора ќе имаат право на пензија само доколку имаат 40 години стаж и имаат најмалку 61 година, пренесува РТЦГ.
- Доколку сте имале среќа да засновате работен однос на возраст од 18 до 20 години и да работите континуирано (ако не сте жена која поради мајчинството е спречена во полн капацитет да учествува на пазарот на трудот; ако не сте „жртва на транзиција“, ако не сте од оние, во просек 11.000 луѓе, кои чекаат вработување повеќе од три години и слично), можеби овој услов за остварување право на пензија нема да ве загрижи. – велат од Унијата на слободни синдикати на Црна Гора (УССЦГ).
Додаваат дека сега мажите и жените ќе имаат само едно решение, а тоа е 40 години стаж и 61 година живот.
- Имајќи предвид дека два елементи (години стаж и години старост) се кумулативен услов за стекнување право на старосна пензија, лесно може да се заклучи дека многу мажи, а особено жени, ќе треба да работат повеќе од 70 или повеќе години за стекнување право на пензија. Укинатата одредба од споменатиот закон даде, исклучиво, можност жените во Црна Гора да го остварат правото на пензија по навршување 64 години (а оваа година и на 62 години и 9 месеци). Затоа, од 64-годишна возраст, жените во Црна Гора можеа да изберат дали ќе останат на пазарот на труд до 66-тата година (како мажите) или ќе ја искористат можноста да се пензионираат - објаснуваат од УССЦГ.