Германските власти соопштија дека продолжуваат со планот за олеснување на некои имиграциски мерки за да можат странските квалификувани работници полесно да се преселат во земјата за работни цели. Неодамна, германската влада објави дека олеснува некои од своите правила, нагласувајќи дека лимитот за добивање на Сината Карта ќе биде намален.
Дополнително, владата истакна дека како дел од нејзиниот план да им олесни на квалификуваните работници да се преселат во земјата, властите, исто така, воведуваат картичка за можности со систем за бодови и исто така ги олеснуваат правилата за оние со професионално искуство и за оние со диплома, пренесува SchengenVisaInfo.com.
ХРОНИЧЕН НЕДОСТИГ ОД КВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ
Во моментов има недостиг од квалификувани работници во многу региони и сектори низ Германија. Податоците покажуваат дека на крајот на 2022 година, Германија имала потреба од околу 1,98 милиони работници.
Имајќи го предвид големиот број на потребни работници, германската влада сака да го зголеми учеството на жените и постарите луѓе на пазарот на трудот и да привлече повеќе квалификувани работници од други земји.
Претходно во март оваа година, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека е многу важно Германија да привлече повеќе квалификувани работници и, во исто време, истакна дека за да може да го направи тоа, земјата треба да има посовремен квалификуван имиграциски закон. „Сакаме квалификувани работници брзо да дојдат во Германија и да започнат. Сакаме да ги отстраниме бирократските пречки. Доколку луѓето имаат професионално искуство или личен потенцијал, ќе им овозможиме да стекнат основа на нашиот пазар на труд“, рече Канцеларот Шолц.
Министерката за внатрешни работи на Германија, Ненси Фезер, исто така истакна дека на земјата и се потребни повеќе странски квалификувани работници за да се справи со постојаниот недостиг на работна сила. Сепак, имајќи ја предвид сегашната регулатива, министерката Фезер истакна дека треба да се направат некои измени за да можат квалификувани работници да влезат во Германија без да се подложат на продолжени процедури.
Како што објаснуваат од Владата, во иднина сите странци кои имаат диплома ќе можат да се занимаваат со каква било квалификувана работа.
Исто така, сите странци кои имаат најмалку двегодишно искуство во одредена област ќе можат да имигрираат како работник во Германија. Професионалните квалификации на странците, исто така, повеќе нема да мора да се признаваат во Германија, што значи дека ќе има пократки процедури.
Извор: pari.com.mk