Додатокот за трето дете ќе биде укинaт, а наместо тоа ќе се дава еднократна помош за секое родено дете
Ова се предвидува со измените на Законот за заштита на децата, со кои се бришат членовите од Законот со кои беше предвидена помошта за трето дете.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека не станува збор за укинување на надоместокот, туку за унапредување на правото на користење на надоместок и на прво и на второ и на трето дете.
Предлог законот за измена и дополнување на Законот за заштита на децата е објавен на страната на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Допрва треба да се разгледува на владина седница пред да се даде на усвојување во Собранието.
Со измените на Законот за детска заштита кој беше донесен во 2009 година мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а за родено четврто дете ако добива додаток за трето дете помошта е 11.267 денари во рок од 15 години.
Анализите во Министерството за труд и социјална политика како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК покажале дека оваа мерка не дала ефекти врз наталитетот, па затоа парите се пренаменуваат во други категории, односно кон оние групи граѓани кои се социјално загрозени. Податоците на Министерството покажале дека стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 проценти во 2001 година до 11,1 проценти во 2016 година.
Откако измените на Законот ќе стапат на сила, додатокот нема веднаш да се укине. Ова право ќе го стекнат и родителите кои ќе добијат дете во рок од 10 месеци откако тој ќе биде усвоен. Оние родители кои веќе стекнале право за ваков надоместок нема да го загубат ова право, односно ќе продолжат да го остваруваат до завршување на период од 10 години за трето односно до 15 години за четврто дете.
За исплата на родителскиот додаток за трето дете од буџетот на Министерството за труд и социјална политика во 2017 година се потрошени 38,7 милиони евра. Во 2017 година за трето дете додаток зеле 26.126 мајки, а за четврто 803.
Извор: Сакам да кажам