Пушачите што се откажале од пушење мора да чекаат 16 години за ризикот од срцеви болести и инфаркт да се врати на нормално ниво, покажа најновата студија на американскиот Универзитет „Вандербилт“. Некои претходни студии покажаа дека ризикот од инфаркт се стабилизира пет години по откажувањето од пушење.
По анализирање на податоците од 8.700 луѓе во траење од 50 години, истражувачите утврдиле дека се потребни 16 години за да се острани штетата што никотинот и разни други хемикалии во цигарите му ја нанеле на срцето.
„Срцето и крвните садови побргу се рехабилитираат од штетата што им ја нанесуваат цигарите“, објаснува авторката на студијата, Мередит Данкан. Но, со белите дробови приказната е поинаква – ним им треба повеќе време.
Срцевите болести се убиец број еден во сите земји во светот, а еден од главните фактори што придонесуваат за тоа се цигарите. Можеби тоа е причината поради која сè повеќе луѓе се откажуваат од цигарите, но тоа не значи дека нивното здравје веднаш ќе се подобри.
Според Данкан, постојат многу малку информации за тоа што точно им се случува на луѓето што пушат долго време.
За да го истражат тоа, зеле податоци од една студија што почнала во 1948 година и траела до 1975 година, а во неа учествувале две генерации и речиси половина од нив биле пушачи. Како тешки пушачи биле категоризирани луѓето што пушеле по најмалку една кутија дневно 20 години и околу 70 отсто од нив во текот на студијата доживеале инфаркт.
По пет години, кај оние што престанале да пушат бил забележан речиси 38 отсто помал ризик од инфаркт во однос на оние што продолжиле да пушат.
Но, биле потребни 16 години по престанувањето со пушење за кардиоваскуларното здравје на поранешните пушачи да се врати на нивото на здравјето што го имаат непушачите.
„Кај луѓето што биле тешки пушачи доста долго можно е да настанат промени на срцето и белите дробови кои не може сосема да се вратат во нормала. Тоа што е важно да се запомни е дека ризикот од срцев удар и други видови кардиоваскуларни болести секако се намалува по откажувањето од пушење и тоа е главното откритие на оваа студија“, вели Данкан.
Докажано е дека некои добри работи од откажувањето од пушењето во телото се чувствуваат веднаш. Само 20 минути по гасењето на цигарата, отчукувањата на срцето и притисокот во крвните садови се враќаат во нормала. Околу 12 часа подоцна нивото на јаглероден моноксид опаѓа толку ниско што е речиси невозможно да се открие во телото.
Една недела подоцна од последната испушена цигара ризикот од инфаркт веќе е малку помал затоа што срцето и крвните садови повеќе не се изложени на хемикалии.
Сепак, ризикот од срцеви болести останува, но поради тоа, не треба да се потценат сите добри ефекти од откажувањето од пушење.
извор: lokalno.mk