Во последните неколку години, светот се соочи со голем број закани за безбедноста на снабдувањето со храна, кои ги погодуваат луѓето ширум светот
Овие закани вклучуваат ситуации како војни и политички конфликти, економски промени, болести, климатски промени и непредвидливи временски услови, пишува порталот Eat This.
За недостигот на храна бевме предупредени пред точно една година. Во Нигерија веќе има вонредна состојба по ова прашање, а гладта станува сè почеста и широко распространета тема.
Светот генерално се бори со глобална криза со храна, а според показателите веројатно е дека ќе има недостиг и во следната година.
Храната која сега е наведена како загрозена вклучува ориз, чоколадо, тестенини, лосос и брашно.
Ориз
Недостигот од оваа храна може да се случи брзо бидејќи светските резерви на ориз се уништени од руската инвазија на Украина, но и од екстремните временски услови во земјите кои произведуваат големи количини од оваа храна, како Кина и Пакистан.
Можно е други фактори, како феноменот Ел Нињо, да влијаат на одгледувањето ориз. Предизвикува атипично затоплување на површинските води во источниот дел на Пацификот. Повторно се појави ова лето, предизвикувајќи уште поекстремни временски услови во многу земји. Индија во јули објави дека ќе престане да извезува бел ориз за да ги заштити сопствените ресурси и залихи.
Некои делови од светот повеќе ги почувствуваа последиците, некои помалку. Сепак, за повеќето најголем проблем ќе биде влијанието врз финансиите.
„Глобално, најочигледната последица од недостигот на ориз е неговата рекордна цена“, вели аналитичарот на „Фич солушнс“, Чарлс Харт.
Тестенини
Проблемот со тестенините во Италија стана толку лош оваа година што владата се состана во мај за да ја спречи понатамошната ескалација. Официјалните лица открија дека проблемот е поради зголемените цени на состојките како житото, но и повисоките трошоци за пакување и логистика.
Вкупниот пораст на цените го почувствуваа потрошувачите низ земјава, а во некои области цената на тестенините поскапе и над 50 отсто.
Бидејќи цената на житото почна да паѓа во последните неколку месеци, Италија наскоро треба да почувствува намалување на притисокот, но за тоа ќе биде потребно извесно време.
За време на кризните разговори во Италија, беше објавено дека цените на тестенините веќе почнале да покажуваат знаци на намалување, што е знак дека цената на тестенините може значително да се намали во наредните месеци.
Чоколадо
Одгледувањето на какаото зависи од вештачките ѓубрива, што значи дека проблемот со снабдувањето со оваа храна го предизвикала руската инвазија на Украина, бидејќи паднал извозот на ѓубрива.
Климатските промени ја влошија ситуацијата. Минатогодишните суши ја погодија жетвата, а дополнителна закана е Ел Нињо. Овој феномен предизвикува суво време низ Западна Африка, вклучувајќи ги областите на Гана, Камерун, Нигерија и Брегот на Слоновата Коска, кои сочинуваат дури 75 отсто од светското производство на какао, пишува магазинот Тајм.
Истовремениот недостиг на шеќер предизвикан од лошите временски услови и намалениот извоз од Индија, како и се уште високата побарувачка, сигурно само го зголемуваат проблемот со снабдувањето со оваа храна.
Лосос
Рибарите во Калифорнија и Алјаска забележаа значителен пад на популацијата на лосос во текот на минатата година.
Причините веројатно се поврзани со затоплувањето на водите поради климатските промени, сушите во Калифорнија, но и факторите како прекумерниот риболов, загадувањето и болестите.
За да помогнат во заштитата на преостанатите популации на лосос, властите во Калифорнија забранија комерцијален и рекреативен риболов до крајот на сезоната 2023 година. Ова е прва ваква забрана од 2008 година.
Брашно
Цената на брашното веќе е зголемена за осум и пол проценти во однос на лани, покажува индексот на потрошувачки цени во САД.
Аналитичарите предвидуваат дека Американците и следната година ќе ги трпат последиците од недостигот на брашно. Ова може да создаде дополнителни проблеми со недостиг на други видови храна, како леб, бисквити или пекарски производи.
Изворот на овие проблеми лежи во сушите низ САД. Две од трите главни жита се одгледуваат претежно во централниот и јужниот дел на САД, кои се бореле со екстремно сушни услови минатата година.