Оштетени прсти, раце, дланка се регистрирани низ болниците во Македонија во последните години, како последици од употребата на петарди. Бројката е поголема во периодот околу Нова Година. Освен оштетени екстремитети има пријавено и случаи со штетност и врз слухот, а штетно е и вдишувањето на честичките од експлозијата.
Според информациите од клиничките центри најмалиот пациент со повреда од пиротехнички средства кој бил хоспитализиран во Македонија имал само 8 години.
Најчесто се повредени пациенти на возраст од 14 до 22 години, иако не е мала бројката и на повредени возрасни.
Продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, е казниво.
Родителите треба да знаат дека тие ќе бидат гонети доколку им набавуваат и овозможуваат на нивните деца да користат петарди.
За А1он од МВР појаснуваат дека доколку малолетници се сторители казнети ќе бидат нивните родители со предвидената глоба.
Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Сите оние кои на јавно место неовластено приредуваат огномети или слично, и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно соодветната законска регулатива ќе бидат казнети, се вели во законските прописи.
Препродавањето пак носи казна затвор. Кривичниот законик, во член 396 вели
(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
МВР и оваа година ги има на око препрoдавачите, но и корисниците.
За А1он велат дека сите полициски станици, спроведуваат превентивни активности и едукативни предавања на оваа тема, но преземаат и акциски контроли за откривање и санкционирање на лицата кои вршат нелегална продажба на пиротехнички средства.
„ Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, доколу забележат лица кои продаваат пиротехнички средства и да ги пријават на полициски службеници лично или преку телефонскиот број 192. Апелираме особено до малолетниците да не употребуваат петарди, бидејќи тие претставуваат опасност за нивното здравје.“ велат од МВР за А1он.
Министерството за внатрешни работи во 2020 година во само една акција успеа да заплени околу 200 илјади парчиња.
Во текот на 2021 година биле запленети 120.000 петарди.
Во 2022 се запленети околу 100.000 петарди.
Од регионот највисоки се казните во Хрватска кои достигнуваат и до 10.000 евра за правни лица, додека за граѓаните казна е до 2.000 евра.
Во Босна и Херцеговина највисоката парична казна е 500 евра.
Албанија има казни за граѓаните кои незаконски ќе ги користат за прославите. Сумата е 600 евра, а родителите кои со малолетни деца пукаат петарди може да бидат казнети со глоба и до 800 евра.
Србија има парични казни од 400 до 800 евра, а може да се одреди и казна од 40 до 120 часови општокорисна работа. Оваа казнена мерка се применува и за родителите на малолетни деца.