Над 3 милиони патници патувале преку двата македонски аеродрома - Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, од први јануари заклучно со 16-ти декември 2023 година, објави ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми.
Ова е важно достигнување за двата македонски аеродрома бидејќи го означува закрепнувањето на авиосообраќајот и на патничкиот сообраќај по пандемијата, надминувајќи ги нивоата од 2019-та година, која се смета за референтна година во авијацијата, и ова е првпат 3 милиони патници да бидат опслужени заедно на двата аеродрома во една година.
„Како ТАВ среќни сме што одбележуваме ваков успех, не само за двата аеродрома, туку и за македонската авијација. Достигнувањето на 3 милиони патници пред крајот на 2023 е огромен успех, особено по пандемијата што имаше огромно влијание општо врз авијацијата. Овој успех ја покажува и докажува нашата посветеност на обезбедување услуги со врвен квалитет за нашите патници и исто така е показател дека луѓето се подготвени да патуваат и дека сега тие се повеќе од кога било имаат доверба за патувања со авион со оглед на ефикасноста и удобноста. Покрај тоа, ние како ТАВ Аеродроми сме повеќе од горди со статистиката на бројот на патници. Имено, статистиката покажува врв во 2019 година со речиси 2,7 милиони патници, потоа несреќен остар пад поради здравствената криза и ограничувањата за патување, а сега, во 2023 година, повторно се враќаме назад и успеавме дури и да ја надминеме 2019 година со 20%. Ова достигнување дополнително ќе не води и ќе нè инспирира да продолжиме да се стремиме кон нови рекорди. Ова е причината зошто ќе продолжиме да ги приспособуваме и подобруваме нашите услуги и да ги зголемуваме капацитетите на аеродромите за да бидеме подготвени да ги пречекаме нашите патници.“ - изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
“Како и сите земји во светот, ковид пандемијата негативно влијаеше врз авиосообраќајот и во нашата земја. Но тие состојби ги надминавме и денеска можеме да бидеме горди заедно со ТАВ Македонија бидејќи имаме нови рекорди на превезени патници. Три милиони патници се бројка која ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање на нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија. Верувам дека вака поставените политики ги оправда плановите на Министерството, а тоа се воспоставување на нови дестнациии за граѓаните како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај”, - изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Најуспешната година за аеродромскиот оператор досега беше 2019, со 2,7 милиони патници, додека 2022 беше завршена со 2,4 милиони патници. Сепак, 2023 ќе биде забележана како година со постојан над 30% годишен пораст споредено со 2022, особено со оглед на тоа што вкупната бројка на патници од 2022 година беше постигната со крајот на септември 2023.
За да се подобри квалитетот на аеродромските услуги и патничкото искуство да биде на највисоко ниво, ТАВ континуирано инвестира во аеродромската инфраструктура, како што беше и последната инвестиција од 2,4 милиони евра во надградба на системот за ракување со багаж со најновата технологија “Стандард 3”.
Поради успешната година во авиосообраќајот Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска го посети генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и му додели благодарница за особен придонес на ТАВ кон развојот на македонскиот авиосообраќај и за успешното управување со специјалните летови за време на одржувањето на министерскиот самит на ОБСЕ месецов.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, за периодот од 1 јануари до 16 декември 2023 година опслужи над 3 милиони патници (вкупно 3.007.993 патници) кои патувале преку двата аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што е зголемување од 32% споредено со 2022 година и 17% зголемување во однос на референтната 2019 година. Бројот на летови на двата аеродрома во истиот временски период е 22.932 летови.