Земјите членки на ЕУ го поддржаа договорот постигнат меѓу шпанското претседателство со Европскиот совет и претставници на Европарламентот за измена на процедурите за издавање на единствената дозвола за престој и работа во Унијата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, измените на Директивата за единствена дозвола за престој и работа го ажурираат процесот на аплицирање за издавање на овој документ и ги изедначуваат правата на работниците од трети земји со оние на нивните колеги од ЕУ.
Според шпанската министерка за инклузија, социјално осигурување и миграција Елма Саиз, измените претставуваат одговор на недостигот на стручна работна сила во некои сектори на европскиот пазар на трудот.
– Тоа ќе овозможи непречен и предвидлив процес на аплицирање на државјаните од трети земји за дозвола за работа и за престој, нагласи Саиз.
Се очекува ваквите ажурирани правила да дадат поттик за привлекување на стручно оспособени работници од земји надвор од ЕУ, а изедначувањето на правата на вработените по потекло од трети земји и од ЕУ да придонесе за намалување на трудовата експлоатација.
Директивата предвидува дека одговор на барањето за издавање на единствената дозвола за престој и работа треба да биде даден најдоцна во рок од три месеци по приемот на целосната апликација. По ова, врз основа на одобрена единствена дозвола, земјите членки ќе треба да ја издадат потребната работна виза за легален влез на територијата на ЕУ.
Странските работници кои имаат единствена дозвола ќе може да го сменат работодавачот, по известување на надлежните органи. Во случај на губење на работното место, работникот носител на единствена дозвола ќе може да остане на територијата на ЕУ во период до три месеци или до шест месеци доколку од издавањето на првата дозвола се минати повеќе од две години.
Директивата за единствена дозвола е усвоена во 2011 година, а предлогот за нејзина измена го иницираше Европската комисија на 27 април минатата година, како дел од мерките од Пакетот „Вештини и таленти“, чија цел е легално привлекување на стручно оспособени и талентирани работници од странство, како резултат на недостигот на работна сила во одредени гранки во ЕУ.
Според податоците на Евростат, во 2019 година во ЕУ на работници од трети земји им биле одобрени 2.984.261 решенија за единствени дозволи, од кои 1.212.952 лица аплицирале првпат за добивање на овој документ.