Одлично е да се работи во LAMBORGHINI, и штотуку стана уште подобро. Покрај тоа што имаат одлични услови за работа, повеќе од пристојни примања и бројни бенефиции, сега добија уште еден бенефит за кој работниците во земји како нашата може само да сонуваат.
Имено, покрај тоа што имаат можност да склопат еден од најатрактивните автомобили во светот, фабричките работници во Сант Агата имаат и четиридневна работна недела.
Технички гледано, работниците на Lamborghini во двојни смени ќе ги менуваат работните недели од четири и пет дена, но резултатот е дека тие ќе работат 22 дена помалку секоја година, пишува Reuters. Уште подобри услови важат за работниците кои работат во три смени. Оние со ноќни смени ќе имаат две недели со ден помалку за секоја „нормална“ работна недела, а ќе работат 31 ден помалку годишно.
И секој ќе заработи повеќе во тој процес. Бонусите се зголемени за 50 отсто, а во декември ќе добијат дополнителен бонус од 1.000 евра. Сето ова доаѓа како резултат на преговорите меѓу синдикатите и работодавачите, кои овој договор го нарекоа историски. Имено, ова е прв случај работниците во автомобилската индустрија да работат помалку и да земаат поголема плата за тоа.
Поддршката за пократки работни недели се зголеми во последниве години, со студии во други европски земји кои покажаа дека работниците на кои им било дадено повеќе слободно време биле попродуктивни за време на работното време, имале тенденција да останат на работа подолго и имале помала веројатност да земаат боледување.