Граѓаните продаваат народни носии кои им останале од предците, рачно ткаени и стари со децении. Ако погледнеме во огласите кои се достапни на интернет, ќе видиме дека има носии по цена од 90, 150, 300, 400 па сè до 1.500 евра. Наведено е дека некои се стари најмалку 50 години, а други датираат од пред 90 или 100 години.
Во некои огласи стои дека продаваат поединечно кошули, торби, елеци. Се продаваат народни носии од различни краеви на Македонија. Некои од нив долги години стоеле, без да бидат употребени.
„Имам една носија, од Мијачкиот крај, но се откажав од намерата да ја продадам. Има луѓе кои се јавуваат, спуштаат цени, сакаат да ги купат евтино и потоа да ги препродадат. Овој период до Водици обично имаше најмногу јавувања за носијата. Се јавуваа и бугарски државјани да ја купат. Тоа е културно богатство, мене носијата ми е остана од постарите и се сеќавам дека за Прочка се облекуваа тие носии“, вели скопјанка.
Дел од луѓето кои поседувале носии, ги продале на играорни групи.
„Пред 5-6 години продадов 3-4 комплети. Ги земаа за во културно – уметничко друштво. Мене носиите ми беа останати од баба и дедо. Треба да се држи цена, но и да се има предвид стандардот“, рече Габриела Бојковиќ.
Друг колекционер вели дека брзо успеал да ги продаде носиите од Долни Дримкол.
„Носиите се одамна продадени, ги купија локалци за во културно – уметничко друштво. И јас сум колекционер и она што ми е дупликат, го продавам, заменувам“, вели друг наш соговорник.
Миленко Андрески, претседател на културно – уметничкото друштво „Охриѓанка“ од Охрид објаснува дека низ годините купил многу носии, од сите краеви на Македонија, од пиринскиот и егејскиот дел. Вели дека до некои носии е тешко да се дојде. По пат на лични контакти ги набавувал носиите кои му биле потребни.
„Имам 12 до 15 носии кои ги чувам за своја душа, а членовите на ансамбалот, ги задолжувам со носии и откако ќе престанат да членуваат во друштвото, ги враќаат носиите. Носиите си бараат и одржување“, вели Андрески.
Од КУД „Кисела Вода“ објаснуваат дека за да купуваат носии им се потребни финансиски средства, но и да оспособат лица да ги изработуваат, исто и за тоа се потребни средства.
„Се трудиме да имаме оригинални, автентични носии. Сè зависи какви се носиите, од каков материјал се изработени, каков вез имаат, посебно на елекот и на кошулата. На пример ако споредиме носија од скопскиот регион, со онаа од Галичник, има голема разлика. Но, навистина кога децата ќе се облечат во носии, тоа дава еден посебен дух“, вели Хаџи Мило Ѓорѓевски, претседател на КУД „Кисела Вода“.
Освен народни носии, многу наши граѓани ги продаваат килимите и јамболиите кои ги изработувале постарите генерации.