Голготата за земање лични документи, што траеше изминатиов месец, се чини, заврши.
Според неколкумина граѓани кои вчера и завчера, во попладневните часови, биле во објектот на МРТВ да си ги подигнат новите пасоши, на кои стои новото име на државата, не чекале ни пет минути. Полните ходници, на кои сведочевме претходниот месец, сега се празни, па документите се издаваат за пристојно време. Нема повеќе метеж, стотици луѓе кои чекаат, па стануваат и нервозни. Досега граѓаните сведочеа дека за да си го земат пасошот, и во објектот на МРТВ и во полициската станица „Беко“, чекаа и по повеќе од шест часа. Неретко луѓето почнуваа да се туркаат, да отвораат врати за да влезат и да си ги земат новите документи.
Во однос на турканиците што се создаваат за вадење лични документи, а чиј рок е до 12 февруари, министерот за внатрешни работи, вчера рече дека на 12 февруари не престанува издавањето документи.
-Во 2021 година имаме изработено само 120.000 документи, а тоа говори дека сме си ги оставиле обврските за подоцна или да чекаме до последен ден. Ако погледнеме територијално, внатрешноста на државата, си ги има завршено работите скоро сто проценти. Тоа се случува за жал во Скопје, меѓутоа и тука имаме сериозен напредок, самата бројка на издадени над 1,25 милион патни исправи и над 1,1 милион лични карти и околу 550.000 возачки дозволи говори дека процесот се доведува до крај. И најважно од сѐ е дека на 12 февруари не престанува издавањето документи, тие ќе можат и понатаму да се издаваат, рече Спасовски.