Вработените во Ајфеловата кула во Париз во понеделникот ги напуштија своите работни места во знак на протест поради неодржувањето на таа светски позната туристичка атракција, која секоја година ја посетуваат седум милиони туристи, но тие денеска нема да можат да го посетат обележјето на Париз и ќе да биде лишен од погледот од врвот на кулата на „Градот на светлината“.
Вработените тврдат дека Ајфеловата кула е запоставена и дека со неа мора подобро да се управува, приходот е преценет, а трошоците за одржување се потценети, пишува Ле Паризиен.
Ајфеловата кула обично треба да се бојадисува еднаш на секои седум години, но не била бојадисана со нов слој цели 14 години и почнала да рѓосува, изјави синдикалниот претставник Денис Вавасори за Франс инфо.
„Очигледно е дека кулата е во фаза на распаѓање“, вели Вавасори, а дури и вработените кои веќе 30 години работат во компанијата за управување и одржување на „Железната дама“ тврдат дека никогаш не ја виделе во полошо издание.
Кулата која се наоѓа во близина на Сена е изградена за Светската изложба во Париз во 1889 година. Името го носи по Густав Ајфел, францускиот инженер чија компанија ја дизајнираше.