Квадратот на становите во Скопје надмина 2.000 евра и скоро и да не се наоѓа цена пониска од 1.000 евра, дури и во руралните делови на главниот град.
Експерти за продажба на недвижности признаваат дека цената на квадратот на становите никогаш не била повисока и дека тоа го прави купувањето на стан недостижна цел за многу граѓани.
„Ова е аномалија на пазарот, која не ја одразува реалната вредност на имотите, туку го искористува нерамномерното распределување на богатството и кредитната политика на банките”, коментира искусен агент за продажба на недвижности од Скопје.
Еден метар квадратен во нова зграда во Ново Село кај Ѓорче Петров, на пример, се продава за 1.100 евра и тоа е очигледно една од најниските цени што воопшто можат да се сретнат во Скопје.
Според познавачите, ова е исклучок, а не правило, и дека во повеќето случаи купувачите треба да платат многу повеќе за да си обезбедат стан.
Еден од тие купувачи е и Зоран Илиоски, кој вели дека бил принуден да купи стан и дека во банка се задолжил со кредит за кој ќе му требаат два животи за да го исплати.
„Јас работам како инженер во една меѓународна компанија и имам добра плата, но и покрај тоа, не можев да си купам стан без да се задолжам во банка. Цените се апсурдни и неодржливи. Се надевам дека ќе дојде до корекција на пазарот и дека ќе се стабилизира ситуацијата”, вели Илиоски.
Стан од педесетина квадрати се продава и за 115.000 евра. Оние од над 80 квадрати одат и до 160.000 евра. Новите згради во центарот имаат цена и до 2.700 евра за квадрат.
Oд Агенциите за недвижности велат дека високите цени во населбите како Карпош, Центар, Аеродром и Кисела Вода ги покачија цените и во т.н поевтини населби како Ѓорче Петров и Автокоманда, но и таму не може да се најде недвижнина под 1.100 евра.