Може ли Македонија да си дозволи во блиска иднина да изгради пруги за возови кои ќе возат над 200 километри на час? Градежните инженери со коишто Denar разговараше на оваа тема велат дека тоа е невозможна мисија.
Дипломиран градежен инженер кој долги години е дел од „Македонски железници“ објаснува дека самиот терен во земјава не дозволува таков вид на брз железнички сообраќај поради многуте кривини, планини и тунели.
„Сите сакаме да бидеме и да функционираме како Јапонија, ама треба да се помириме со фактот дека нашата татковина се вика Македонија и дека таа е сиромашна земја на брдовитиот Балкан. Како прво, самата физика не дозволува возот да се движи со 200 километри на час на еден таков терен каков што е нашиот. Имаме многу планини, многу мостови, многу кривини, тунели, црни точки… Во развиените земји тоа е возможна мисија не само поради тоа што државите се богати, туку поради тоа што нивниот терен дозволува големи брзини. Тоа е исто како да посакуваме пловен транспорт и да мечтаеме за бродови, а немаме излез на отворено море. Едноставно, така стојат работите, така нè дарила природата“, објаснува нашиот соговорник.
Тој вели дека и самата изградба на нови пруги е комплексен и скап процес.
„Реалноста е дека ние тешко ги одржуваме и постоечките пруги, а не, пак, да започеме проес на замена кој ќе чини брдо пари. Од друга страна, гледаме дека ваквиот вид сообраќај е сè помалку популарен кај нас. Баш пред некое време имав можност да ѕирнам во статистиката која покажуваше дека во еден воз просечно се возат 30 патници. Па знаете што значи тоа? Во еден автобус на ЈСП се возат повеќе луѓе. А се сеќавате како беше пред неколку години? Луѓето се тепаа за место за седење во воз. Штета, навистина голема штета. Ние можеме да сонуваме за патување со воз на три мориња, ама реалноста е дека немаме пруги за толкави брзини. Возот од Скопје до Битола патува за 4-5 часа, а се работи за дистанца од 175 километри“, вели инженерот.
Целиот текст можете да го прочитате на denar.mk