Со 970 новородени бебиња, општина Куманово е рекордер во Македонија по живи и здрави бебиња во 2022 година. Веднаш по неа, следуваат општините Тетово со 963 и Чаир со 916 бебиња.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2022 година, во Република Северна Македонија се родени вкупно 18 183 деца, од кои живородени се 18 073, а мртвородени 110.
Бројот на живородените деца во 2022, во споредба со минатата година, е намален за 3.1 %. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа од 51.2 %, односно на 100 живородени женски деца 104.8 се машки. Според месецот на раѓање, најголем број раѓања, 1 717, имало во месец јули.
Според возраста на мајката, најголемо учество од 33.2 % имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања изнесува 29.4 години, а кај прворотките 27.7 години.
Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1993 година. Во 2022 година се регистрирани 17 живородени деца од мајки на возраст помала од 15 години.
Вонбрачни живородени деца се 2 298 или 12.7 % од вкупниот број на живородените деца.