Европската комисија (ЕК) денеска покрена истрага против компанијата „Алиекспрес“ врз основа на новиот Закон за дигитални услуги, бидејќи се сомнева дека преку оваа онлајн платформа за купување се шират нелегални и штетни производи.
Претставниците на ЕК изјавија за Ројтерс дека се загрижени за системските ризици кои произлегуваат од ширењето на нелегални производи, како што се лажни лекови и сомнителна храна или додатоци во исхраната, преку AliExpress.
Комисијата, исто така, тврди дека сè уште има порнографски материјали на AliExpress и истражува дали малолетниците имале пристап до таква содржина, се наведува на веб-страницата на ЕК.
Истрагата против „Алиекспрес“ се фокусира и на транспарентноста на системот за рекламирање и препораки.
Кинеската компанија „Алибаба“, сопственик на платформата „Алиекспрес“ се уште не се изјаснила.
Европската комисија претходно иницираше истраги против платформата Тикток и социјалната мрежа Х (Твитер) во рамките на Законот за дигитални услуги, кои сè уште се во тек.