Движењето на цените на суровата нафта на светските берзи во изминатите две недели успешно го најавија најголемото историско намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во Република Македонија.
Барел северноморска нафта од типот „брент“ на берзата во Лондон во петокот достигна најниска цена во последните неколку месеци спуштајќи се под границата од 60 долари. Таа цена е за повеќе од 12 долари по барел пониска од оние 72 долари по кои нафтата се тргуваше пред 2 недели и која беше просечна цена врз основа на која, Регулаторната комисија за енергетика тогаш донесе одлука за намалување на цената на горивата и до 4 денари по литар.
Во текот на вчерашниот ден, Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени на горивата кои од ноќеска на полноќ ќе важат во следните две недели.
Според последната одлука, бензините поевтинуваат за 4 денари, а дизелот за 3,5 денари. Од денес ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе се точи за 63, ЕУРОСУПЕР БС 98 за 65 а Дизелот за 61 денар по литар.