На пазарите во Македонија, цените на јагодите доживеаја вистински скок во март, оставајќи ги граѓаните во неверување.
Според тоа што го забележавме по нашата обиколка во неколку скопски пазари, кутија од 250 грама јагоди достигнува цена и од 200 денари, што е значително поскапо во споредба со сезонските цени.
„Никогаш повеќе не купувам јагоди пред мај или јуни, кога им е сезона. Мислам дека е прескапо да платам шака јагоди колку осум кила брашно. Тоа е недозволиво”, ни изјави една госпоѓа, изразувајќи го општото чувство на незадоволство меѓу потрошувачите.
Таа вели дека еднаш веќе се „изгорела“.
„Купив 250 грама јагоди за 200 денари, но бев разочарана кога ги вкусив и сфатив дека немаат вкус на јагода, туку на пластика. Можеби еднаш се излажав, но нема да има вторпат. Ќе ја почекам пролетта кога ќе можам да уживам во вистински јагоди со вистински вкус“, ни изјави таа.
Со приближувањето на пролетта, се очекуваат нешто постабилни и попристапни цени на овошјето.
Сепак, на пазарите во Македонија, продавачите не отстапуваат од своите цени, што продолжува да биде изненадување за многумина.
Додека потрошувачите се надеваат на пониски цени, трендот на високи цени на јагодите во март ги остава со малку опции, освен да чекаат подобри времиња или да бараат алтернативи за своите омилено овошје.
Пазарџиите се правдаат дека не се тие виновни за високите цени.
„Секоја година се соочуваме со различни предизвици, но оваа година откупната вонсезонска цена на јагодите е навистина висока. Не е само прашање на профит, туку и на опстанок на нашиот бизнис”, изјави пазарџија од Зелен пазар.
Со срце би ги продавал по ниска цена, додава тој, но ако го направам тоа, ќе работам на загуба.
„Не е лесно, но мораме да ги следиме трендовите на пазарот за да можеме да продолжиме да работиме“, ни изјави пазарџијата.