Просечната заработка без даноци и придонеси во февруари, според податоците на Монстат, изнесува 821 евро и е за 0,2 отсто поголема од јануари. Споредено со истиот месец лани, просечната нето плата во февруари бележи раст од 6,4 отсто.
Просечната бруто плата во февруари изнесува 1 030 евра.
„Ако се земе предвид дека потрошувачките цени во февруари во однос на јануари бележат раст од 0,4 отсто, произлегува дека реалната заработка за истиот период паднала за 0,2 отсто“, се наведува во соопштението на Монстат, кое го пренесе Мина.
Просечните плати без даноци и придонеси во февруари во однос на претходниот месец бележат раст во стручните, научните и техничките дејности за 4,4 отсто, во дејноста со недвижности за 4,2 отсто, водоснабдување, управување со отпадни води, контрола на процеси, отстранување отпад и слични дејности 2,8 проценти, финансиски и осигурителни дејности 2,7 отсто, информации и комуникации 1,6 отсто, снабдување со електрична енергија, гас и пареа 1,5 отсто, трговија на големо и мало, во поправка на моторни возила и мотоцикли 1,2 отсто, ископување руда и камен 0,8 отсто, земјоделство, шумарство и рибарство, градежништво и државна управа и одбрана по 0,5 отсто.
Намалување на просечната плата без даноци и придонеси во февруари во однос на претходниот месец е забележано во преработувачката индустрија за 1,9 отсто, во другите услужни дејности за 1,8 отсто, во сместувањето и храната за 1,6 отсто, во здравствената и социјалната заштита 1,1 отсто, административни и помошни услужни дејности 0,9 отсто, сообраќај и складирање 0,5 отсто, образование 0,4 отсто и уметнички, забавни и рекреативни дејности 0,1 отсто.