Сите апели и совети, сите мерки на градење доверба, но и сите стимулации изразени во поглед на повисока каматна стапка, изгледа дека конечно вродија со плод.
Парите кои македонските граѓани ги чуваат во домашните банки успеаја да ја надминат странската валута, односно денарот го надмина еврото, барем кога станува збор за штедење во банка.
Најновите податоци за штедните влогови на нашето граѓанство, кои ги објави Народна банка на Македонија, говорат дека домаќинствата конечно, можеби и за прв пат во историјата на земјава, во домашните банки повеќе чуваат денари отколку евра.
Иако станува збор за мала и можеби незначителна разлика, факт е дека заштедите во денари сега се на поголем износ од оној што го чуваат домашните банки во странска валута.
На крајот на март годинава, домаќинствата во домашните банки во денари чувале 2,888 милијарди евра, наспроти 2,879 милијарди евра колку што изнесувале депозитите во странска валута.
Разликата е скромни 8,5 милиони евра на страната на денарите, што, иако мала сума, можеби говори за еден позитивен тренд за штедење во домашната валута.
Денарите повеќе пораснале во март во однос на февруари годинава, наспроти штедењето во странска валута, каде што е регистриран пад.
Според бројките на НБМ, заштедите на домаќинствата во денари се зголемени за 17,6 милиони евра во текот на март, додека, пак, кај странската валута има намалување за 9,8 милиони евра.
Вкупните депозити на домаќинствата во март имаат зголемување за 7,9 милиони евра во однос на февруари.
„Штедењето во денари е многу поисплатливо од штедењето во евра. Причина за тоа се повисоките каматни стапки на денарското штедење, кои со неколку мерки на НБМ беа дополнително стимулирани. За орочени денарски депозити на три години, нашите банки сега нудат камати отприлика околу 2,3 проценти“, коментираат економистите.