Со зголемувањето на цените на електричната енергија и подобрувањето на технологијата за обновлива енергија, сè повеќе Македонци кои поседуваат викенд куќи на планина се одлучуваат да инвестираат во соларни системи за производство на сопствена електрична енергија.
Во разговор со експерти од оваа област, дознаваме дека за производство на 3KW електрична енергија, која е сосема доволна за да вклучите телевизор, фрижидер или радио, се потребни околу 10 соларни панели.
Цената на еден панел изнесува околу 60 евра, што значи дека за целиот систем ќе треба да се потрошат околу 600 евра.
Покрај панелите, многу важна улога игра и специјалниот литиумски акумулатор, кој обично чини над 1.200 евра.
„Со воведувањето на соларни панели, не само што ја намалуваме нашата зависност од традиционалните извори на енергија, туку и придонесуваме кон заштита на околината”, изјави еден од експертите.
Дополнителни трошоци вклучуваат кабли и контролер, па вкупната сума за инсталација на системот изнесува околу 3.000 евра.
Сепак, оваа инвестиција се смета за исплатлива на долг рок, особено со оглед на фактот дека цените на електричната енергија продолжуваат да растат.
Сопственикот на една викенд куќа во селото Кучково, кој неодамна инсталирал соларен систем, е презадоволен од оваа инвестиција.
„Добив гаранција од 10 години, а животниот век на батеријата се проценува на околу 15 години. Фриждиерот е постојано вклучен, без проблем полнам телефон и лаптоп, а вклучувам и правосмукалка. Проблем е ако имате големи потрошувачи како клима-уред или ако користите електричен алат како апарат за заварување или циркулар. Но, за основни потреби, одлична е инвестицијата и вреди за сите пари“, изјави нашиот соговорник.
Со зголемената свест за обновливите извори на енергија и поддршката од владините субвенции, се очекува дека овој тренд ќе продолжи да расте во иднина.