Да се остави добар впечаток на интервјуто за работа е понекогаш навистина тешко. Обидувајќи се, меѓутоа, да изградиме мост помеѓу нашите потреби, и оние на работодавецот, и да се преставиме во најдобро светло, често забораваме на некои од основните начела.
Во таа насока, Мери Јовановска - Дешиќ, психолог во одделот за човечки ресурси на Пост Експрес Македонија, заедно со Антица Павлеска, магистер на науки по човечки ресурси и одговорна за овој сектор, споделуваат неколку совети.
Нашата компанија постојано расте па така имаме можност да стапиме во контакт со голем број на апликанти. Профилот на новите работни места е често различен, но она што го забележуваме, без разлика дали станува збор за административен кадар или пак за логистика и достава, е честопати заедничко.
Обрнете внимание на првиот контакт
Најпрвин, апликантите забораваат дека селекцијата започнува со првиот контакт, а тоа се меилот и резимето. Тешко е да ги убедите оние кои го вршат интервјуто дека обрнувате внимание на детали, доколку меилот за аплицирање е полн со печатни грешки, или пак изготвен за различна позиција за која сте аплицирале претходно во друга компанија.
Наш совет е да бидете јасни и концизни во структурата не меилот, држејќи се близу 50 зборови. Оставете резимето да говори повеќе.
Следниот совет е нешто кое малкумина го практикуваат, но може навистина да ве издвои. Станува збор за follow-up меил, односно кратка порака во која се заблагодарувате што ве повикале, или пак ги потсетувате на вашата апликација со надеж дека пристигнала во правите раце.
Важно е, се разбира, меил адресата да говори за сериозен човек, па затоа бидете исклучително конзервативни при изборот на истата!
Бидете проактивни
Од огромна важност е да си ја завршите домашната задача и да ја истражите компанијата. Понекогаш, во зависност од позицијата, можете да земете и дополнителен чекор. Аплицирате во секторот за продажба? Што велите за тоа да изготвите листа од 20 потенцијални клиенти со кои веќе сте разговарале, и истата да ја прикачите на меилот за апликација?
Овие стратегии несомнено успеваат во нови и растечки индустрии, но со малку труд и иновативност веруваме дека би можеле да ги адаптирате и кон останатите работни профили. Еве како тоа се прави– ќе забележите дека трудот секогаш се цени.
Структура на вашето резиме
Што се однесува пак до структурата на едно резиме, честа пракса е образованието да стои најгоре. Нашиот совет, меѓутоа, е да го промените овој редослед во полза на работното искуство.
Сликата, се разбира, е незадолжителна, но честа пракса е да биде дел од вашата апликација. Доколу е професионално подготвена, фотографијата може да влее доверба, меѓутоа, од друга, истата може значително да го одвлече вниманието.
Обидете се, дополнително, да го напуштите класичниот формат и да изградите подобра структура со помош на онлајн алатки за дизајн, како што е Canva. Постои можност да изберете помеѓу десетици различни типови на резиме, и дополнително да ги уредите. Користењето на вакви алатки е интуитивно и не бара извонреден напор. Ова е почеста пракса во дигиталните индустрии, но зема изненадувачки замав и кај класичниот административен сектор.
Интервјуто за работа
Запомнете да бидете достапни на телефонот за контакт. Ова ќе ве изненади, но огромен е бројот на луѓе кои не одговараат на повици и се јавуваат дури ден отпосле.
Пристигнете секогаш пред договореното време, и бидете уредни.
Интервјуто не е инквизициски распит, туку можност која постои помеѓу работодавецот и вас да се информирате меѓусебно и да склучите договор. Поради таа цел, на крајот на интервјуто бидете љубопитни и поставувајте прашања. Но ќе се навратиме на тоа за момент.
Најважно е да бидете искрени, и да знаете како оваа позиција се вклопува во вашата кариерна арка. Резимето и течението на вашата кариера се немилосрдни и говорат повеќе од вас, па затоа е важно да ги ставите нештата во контекст, и да му ја доближите вашата замисла на работодавецот. На тој начин брзо ќе стекнете доверба, а верувајте таа тешко се гради.
Исто е важно да ја согледате вредноста која можете да ја пружите во таа компанија – ако вие не умеете да ја согледате, како би ја согледал некој друг? Резимето кажало доволно за да ве донесе до интервју, сега е вашиот ред да образложите зашто сте најсоодветен кандидат.
Од особена важност за апликантите е да бидат свесни и за своите мани. Сите имаме по некоја мана, па она што ќе го споделите укажува на скромност, искреност, и стремеж кон себе-унапредување. Никој не сака да соработува со млади и неискусни кадри кои за себе сметаат дека се совршени.
На самиот крај прашајте ги оние кои го вршат интервјуто што за нив претставува добар вработен, особено за таа позиција. На крајот на денот, ваше е да ги знаете критериумите по кои трудот се вреднува, како би одлучиле дали сте совршен фит.
Ние во Пост Експрес Македонија имаме за цел да создадеме сигурна мрежа за достава врз која ќе се темели пазарот на иднината. Голем дел од оваа визија, меѓутоа, зависи од вработените и нивните способности. Колку побрзо го изградиме тој мост на доверба и соработка, толку полесно ќе се движиме напред.
Веруваме дека овие совети ќе ви бидат од корист при аплицирање за следната работна позиција, или пак во најмала рака ќе ве мотивираат да го промените досегашниот пристап.
Следи ја компанијата и стани дел од ПОСТ ЕКСПРЕС