Тони Стојановски е нов прв човек на НЛБ Банка Скопје. За оваа битна промена банката ја извести јавноста преку соопштение, Стојановски е именуван од Надзорниот одбор на банката за нов претседател на Управниот одбор, позиција која ќе ја преземе по добивањето на согласноста од НБМ. „Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје на денешната седница го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор. Тони Стојановски ќе ја преземе функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје по добиена согласност од Народната банка на Република Северна Македонија. Во меѓувреме ќе ја преземе функцијата Помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. До добивање согласност од Народната банка за нов Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, функцијата ќе ја извршува актуелниот Претседател на Управниот одбор, Бранко Грегановиќ.
Тони Стојановски е банкарски професионалец со повеќедецениско работно искуство во финансискиот сектор и долгогодишен член на релевантни одбори и организации: Претседател на Управниот одбор на Македонска берза АД Скопје, Заменик претседател на Македонската банкарска асоцијација и Претседател на Надзорниот одбор на Стопанска Лизинг Скопје“, се вели во соопштението.
Тој е магистер на економски науки од областа на монетарната економија, сопруг и татко на две деца.
„Почестен сум од довербата да бидам именуван за Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Ја прифаќам оваа улога со благодарност и уште поголема одговорност. Посветеноста на тимот на Банката кон напорна работа и колективната посветеност за постигнување врвни резултати, доволно зборува за потенцијалот што оваа Банка го има за да ги постигне своите цели и да ја исполни својата мисија“.- истакнува Стојановски по денешната седница на Надзорниот одбор.
Бранко Грегановиќ ја извршува функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје од јануари 2022 година. Под раководство на Грегановиќ, НЛБ Банка Скопје постигнува одлични деловни резултати, а истовремено реализирани се и бројни општествено одговорни проекти со значајно влијание во заедницата.
По именувањето на новиот Претседател на УО на Банката, Бранко Грегановиќ истакнува: „Промените се дел од процесот на развој и составен дел од растот на Банката. Драго ми е што можам да кажам дека НЛБ Банка Скопје е добро подготвена да се соочи со идните предизвици. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на Тони за именувањето и да му посакам многу деловни успеси и лично задоволство во новата улога“, изјавил Грегановиќ.