Град од Сицилија повторно продава куќи за само неколку евра.
Самбука ди Сицилија, по успешната продажба во 2019 и 2021 година, подготвува и нова аукција на градски недвижен имот. Сепак, на овие куќи ќе им треба реновирање.
„Странците буквално се собираат во градот за да купат дом“, изјави новоизбраниот градоначалник Џузепе Касиопо.
Тој ги охрабрува потенцијалните купувачи да ја посетат областа и да ги проверат 12-те или повеќе домови кои сега ќе бидат ставени на продажба.
Градот стана меѓународно познат во 2019 година кога „Си-Ен-Ен“ објави извештај за продажба на 16 имоти по почетна цена од едно евро. Две години подоцна, градот понуди на аукција нови имоти, овој пат по почетна цена од две евра по имот.
Првата продажба привлече меѓународни купувачи и околу 20 милиони евра се слеаа во градот и околината (приходи од пансиони, нови продавници, промет од договори со градежници, архитекти, инженери, дизајнери на ентериер и нотари).
Повеќе места во Италија нудат поволности за привлекување на нови жители. Слични обиди имаше во швајцарско село, но и во една мала општина во Хрватска.