Опасниот и отровен пајак може сериозно да ги загрози здравјето и животот.
Здравствената состојба на струмичанецот што е каснат од пајак црна вдовица е стабилна и тој веќе не е во животна опасност. Каснатото лице е примено на болничко лекување на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје изминатиов викенд, во исклучително тешка општа состојба. Според информациите од дежурниот доктор од Општата болница во Струмица и кажувањето на пациентот, бил црн инсект, кој личел на пајак.
Како што објаснува за весникот ВЕЧЕР новиот директор на Токсикологија, д-р Андон Чибишев, според клиничката слика и клиничките манифестации, пациентот е каснат од пајак црна вдовица (Latrodectus), инсект чие каснување може сериозно да ги загрози здравјето и животот на човекот.
-Пациентот е во добра општа состојба и се надеваме дека ќе го пуштиме на домашно лекување за ден-два. Се работи за повозрасен пациент, над 65 години и нормално е состојбата да биде потешка. Би сакал лично да ги истакнам високопрофесионалниот пристап и реакцијата на дежурната екипа од Општата болница во Струмица, која му дала соодветна итна помош и по пријавувањето на случајот во Токсиколошкиот информативен центар на Универзитетската клиника за токсикологија и консултација со нашиот дежурен доктор и дежурната екипа, итно го транспортирала пациентот во нашата институција – вели д-р Чибишев, дополнувајќи дека во моментов, на Инфективна располагаат со сите потребни серуми.
Тој е задоволен од високостручниот пристап на дежурната екипа и од Универзитетската клиника за токсикологија, кои постапиле според протоколите, го хоспитализирале пациентот и во текот на неколку часа ја стабилизирале неговата состојба.
– Колеги, браво за исклучително професионалниот и стручен пристап и за брзата реакција – напиша Чибишев на својот фејсбук-профил.
Што се однесува за пајакот наречен црна вдовица, Чибишев вели дека отсекогаш го имало во Македонија, но и во земјите од опкружувањето како што се Грција, Албанија, Србија, Црна Гора… секаде каде што е потопло.
– Имаме искуство и во минатото со лица каснати од овој вид пајак, но и змии и друг вид инсекти. Но, интересно е што во изминатиов период, ваквите пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Јас ќе разговарам на оваа тема и би побарал овие пациенти да се праќаат кај нас, оти ние ги учиме студентите за овие состојби од каснување на змии, пајаци и слично и природно е тие да се лекуваат на Токсикологија – објасни за весникот ВЕЧЕР д-р Чибишев.
Тој ги предупредува граѓаните да бидат многу внимателни оти временските услови овие денови многу им погодуваат на инсектите и на влекачите, кои стануваат поактивни, а, можеби и поагресивни.
– Одредени видови змии и инсекти што живеат на нашето поднебје, може ако ве каснат и сериозно да ви го нарушат здравјето – вели д-р Чибишев, напомнувајќи дека добива пораки од загрижени граѓани, кои се жалат дека се каснати од инсекти и дека виделе влекачи, главно гуштери и змии, во својата околина.
Отсекогаш го имало пајакот црна вдовица во Македонија, Медитеранот, но и во други региони од светот
Пајакот црна вдовица е еден од најпознатите и најопасни пајаци за луѓето, поради својата моќна неуротоксична отровност. Овој вид отровен пајак го има насекаде, на сите континенти, вклучително Северна и Јужна Америка, Австралија, Африка, но и во Европа и кај нас, на Балканот. Се среќава и во Македонија и во реонот на Медитеранот, најчесто каде што е топло и суво.
Убодот од црната вдовица е многу отровен, но ретко е и смртоносен за луѓето. Отровот предизвикува кај луѓето силна болка, мускулни грчеви, мачнина, потење и други системски симптоми. Малите деца, постарите лица и лицата со ослабен имунитет се најранливи. Симптомите обично започнуваат во првите 20 минути до час по убодот и може да траат неколку дена.
Пајакот обично го има на темни места, под камења и дрвја, живее во градини, бараки, подруми, гаражи, кревети, складишта…Препорака е кога се чистат овие простории, да се користат ракавици. Да се внимава и кога се престојува на отворено, да се носи заштитна облека.
– Пред да облечете облека или обувки што не сте ги користеле подолго време, проверете ги добро, можно е да се има скриено пајак – реагираат лекарите и дополнуваат дека овие простории треба редовно да се одржуваат чисти. Се препорачува и користење инсектициди како заштита.
Доколку се случи каснување и по сите превентивни мерки, треба итно да се побара медицинска помош. Првично, за да се намалат отоците, се ставаат ладни облоги, но, генерално, е потребна болничка нега.
И ова би можело да ве интересира: Што ако ве „испржи“ медуза, згазнете на еж или ве боцне рибата-змеј?
Од групата пајаци има неколку вида што може да бидат опасни за луѓето
Жолт вреќест пајак – Овој пајак е познат по својата жолта боја и долгите тенки нозе. Тие обично прават вреќести гнезда во високата трева и во грмушките.
Убодот од жолт вреќест пајак може да биде болен и може да предизвика локални реакции како што се црвенило, оток и болка. Во некои случаи, може да се појават треска, главоболка и мачнина.
Лажниот пајак вдовица е пајак што често се смешува со црната вдовица, поради сличната форма на телото и бојата. Тие се помали и имаат карактеристични ознаки на телото. Нивниот убод може да биде болен и може да предизвика локални симптоми како што се болка, црвенило и оток. Но, при каснувањето од ваков вид пајак, не се предизвикуваат сериозни симптоми.
Пајаците османлии се познати по своето кафено тело и карактеристичниот виолински облик на грбот. Тие обично живеат на темни и тивки места. Нивниот убод може да предизвика некротизирачка лезија, која може да биде многу болна и да бара медицинска интервенција. Симптомите вклучуваат силна болка, црвенило и оток.