Преспанското Езеро, едно од бисерите на Македонија, ова лето го доживува речиси истото што го доживеа и минатата година.
Со температурите што непрекинато растат и туристите кои се бројат на прсти, плажата во Претор останува да зјае празна.
Сцената е постапокалиптична – жештина која пржи, тишина која одекнува, песочни плажи без трага од живот, и кафеани коишто го чекаат своето возобновување.
Семејството Петровиќ од Скопје, кое ја посетило плажата Сливница и туристичкото место Претор, изрази длабоко разочарување од состојбата.
„Ова не е местото кое го паметиме. Езерото е повлечено, плажите се празни, а атмосферата е сосема обесхрабрувачка. Се чувствуваме како да сме дошле на погрешно место во погрешно време”, изјави Игор Петровиќ, татко на 3 деца.
Навистина, сликата која ја прикажува Преспанското Езеро денес е далеку од идилата што ја паметиме од едно поинакво време.
Климатските промени и еколошките предизвици се чини дека го ставаат својот белег на оваа област, со последици кои се чувствуваат не само на еколошко, туку и на економско ниво.
Локалните бизниси се борат да опстанат, додека заедницата се соочува со неизвесна иднина.
„Мислевме дека оваа година ќе биде подобро, ама се излажавме. Но, не се виновни туристите кои упорно го одбегнуваат ова место. Како да ја привлечеме младината кога немаме што да ѝ понудиме? Се сменија веќе времињата. Младите сакаат забави до рано утро, концерти, културни настани, а ние сѐ уште им нудиме флипери и билјарди како највисоко ниво на забава. Е па, не може тоа така. Мора да бидеме во тек со времето“, ни изјави локален жител во Претор.
Сепак, надежта не е целосно изгубена. Иницијативи за заштита на езерото и неговото окружување се појавуваат, со цел да се привлечат повторно посетители и да се врати животот на овие места.
Времето ќе покаже дали Преспанското Езеро ќе може да го врати својот поранешен сјај и да продолжи да биде една од главните туристички атракции во регионот.