Бројот на невработени лица во земјава и натаму се намалува, а најновите бројки за мај говорат дека на крајот на тој месец работа активно бараат 102.523 лица, што за еден месец е ново намалување за 1.244 лица.
Дека бројот на невработени во земјава се намалува и веќе не е некоја вест, особено во мај, а веројатно тоа уште повеќе ќе следува во летните месеци, пред се поради големата побарувачка на работна сила во Хрватска, главно во угостителскиот сектор, за што веќе пишуваше Фактор. Исто така, интересен податок за нас е фактот што иако Хрватска е многу поголема држава од нашата, таму активно бараат работа помалку граѓани, односно околу 96 илјади. Тоа е поради големата потреба за работници пред се во угостителскиот сектор, кој треба да ги задоволи потребите на бројните туристи.
Но, она со што овде сакаме да се позанимаваме, е дека и покрај тоа што во земјава се бараат работници, сеуште има луѓе кои долг период бараат работа.
Агенцијата за вработување издава статистички преглед за тоа колку луѓе колкав период бараат работа, односно колкав е периодот на чекање за нивно вработување.
Па така, ако вкупно имаме 102.523 невработени, интересно е да забележиме дека најмногу се оние кои најдолго чекаат вработување, односно период од пет до седум години.
Односно, дури 17.462 лица чекаат работа од пет до седум години, говорат податоците на Агенцијата. Од нив, пак, поголемиот број се жени, односно над 10 илјади наши сограѓанки, и по пет до седум години не можат да го добијат посакуваното вработување.
А, има и такви што чекаат работа осум и повеќе години, и тие се еден позначаен број, односно 13.173 лица, но од нив помал дел се жени, и тоа 4.386 граѓанки.
Најмал е бројот на оние кои чекаат работа по еден месец, што е релативно краток период, и такви се 3.252 лица.
Целиот текст можете да го прочитате на faktor.mk