Продолжува трендот на намалување на бројот на издадени решенија за градба на годишно ниво, но во исто време се зголемува вредноста на градбите. Овој тренд се забележува во последните речиси две години каде градежниците помалку градат но наплатуваат повеќе од претходниот период. Официјалните податоци велат дека најмногу се гради во Полошкиот регион. А главниот град останува на врвот по основ на цената на становите и деловните простории.
Во мај годинава дозвола за градба добиле 424 станбени единици, со вкупна површина од нешто над 36 илјади метри квадратни. Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека во петиот месец од годинава или во шпицот на градежната сезона се издадени помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани. Но вредноста на проектите и натаму расте.
„Во мај 2024 година се издадени 260 одобренија за градење, што е за 18 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5 869 263 илјади денари, што е за 10.5 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 133 (51.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 54 (20.8 %) за објекти од нискоградба и 73 (28.1 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 260 објекти, на 141 (54.2 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 119 (45.8 %) објекти инвеститори се деловни субјекти,“ се наведува во извештајот на ДЗС.
Податоците на статистика велат дека Полошкиот регион е на врвот на листат по добиени одобренија за градба и тоа 52, потоа е Југоисточниот регион со 45 одобренија, следуваат Југозападниот со 43 одобренија за градба, Скопскиот регион има добиено 39 одобренија, Пелагониоскиот 27.
Последните информации кои ги објави Народната банка велат дека за една година квадратот на станбениот простор во Скопје е поскап за 11,5 отсто. Во централното градско подрачје во моментов новоизграден стан се продава и над две илјади евра за метар квадратен. Во Аеродром и Карпош цената се движи од 1100 до 1600 евра како за нов така и за стар стан изграден пред 40на години, без разлика дали е реновиран.
Тоа што е интересно во оваа проблематика е тоа што едена третина од становите во главниот град се празни. Потврда за тоа даде и последниот попис од 2021 година. Но како и да е, градежниците велат дека во земјава граѓаните инвестирањето во недвижности гледаат сигурност и тоа трае со децении. Доколку тоа продолжи и понатаму, цената на становите нема да се намалува туку ќе расте или еведнтуално само ќе се стабилизира.