Се намалил бројот на издадените дозволи, а се зголемила вредноста на планираните објекти. Најмногу станови ќе има во Скопје, и тоа во Општината Центар.
Во мај се издадени 260 одобренија за градење. Во споредба со состојбата од пред една година, тоа претставува пад од 18 проценти, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Наспроти тоа, вредноста на дозволите e зголемена за 10,5 насто. Или, предвидената вредност на објектите изнесува 5.869.263.000 денари (околу 95,3 милиони евра).
Повеќе од половината, поточно 51,1 % од вкупниот број одобренија дадени во мај се за високоградба. Со нив ќе се изградат 133 објекти. За нискоградба се однесуваат 54 дозволи (20,8 %), а за реконструкција – 73 (28,1 %).
Статистиката вели дека на 141 објект (54,2 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 119 (45,8 %) деловни субјекти.
Би можело да ве интересира: Градењето без документи и натаму честа пракса во Македонија!
Во тие рамки, предвидена е изградба на 424 станови со вкупна корисна површина од 36.052 квадратни метри.
Најмалку ќе се гради во Пелагонискиот регион, каде што се издадени девет дозволи. Вообичаено, најмногу одобренија за градба има на територијата на главниот град – 39, со предвидена вредност од 973.286.000 денари или 15,8 милиони евра. Ќе бидат изградени 132 стана, со површина од 9.364 квадрати. Локацијата на 62 од нив е во Центар и ќе зафатат 3.989 метри квадратни.
Мета на градежниците е и Охрид. Од 121 стан предвиден за градба во Југозападниот регион, 96 се планирани за Охрид, а ќе имаат корисна површина од 5.470 квадрати.