Температурите на воздухот во Македонија деновиве достигнуваат екстремни височини. Секојдневно експертите апелираат до граѓаните доколку е можно да избегнуваат да бидат на сонце во периодот од 10 до 17 часот. Но, што е со возачите кои се принудени да седат во прегреан автомобил и колку тоа може да биде опасно?
Автомобилот на сонце може да биде многу опасен ако седите во него без вклучен клима уред. Тоа го докажува и табелата која претходно на Фејсбук ја објавија пожарникарите од Загребската јавна противпожарна бригада.
Така, температурата во автомобилот се зголемува до 46 степени Целзиусови по половина час на надворешна температура од 30 Целзиусови степени.
Кога надвор е 36 степени, што не е невообичаено во летниот период, температурата во исклучен автомобил изложен на сонце по само еден час се искачува на смртоносни 62 степени.
„Не оставајте деца и домашни миленици во автомобили“, предупредуваат пожарникарите.
Користете го правилно клима уредот
Правилното функционирање на клима уредот е од суштинско значење за удобноста при возењето. Се препорачува периодично да се проверува и сервисира споменатиот систем за да се постигне негова ефикасна работа и за да може внатрешноста на возилото да се лади без потешкотии. Препорачливо е да се проверува и сервисира клима уредот најмалку еднаш годишно, што вклучува проверка на нивото на ладилното средство (фреон), проверка на филтерот за воздух и други важни компоненти на овој систем.
Поставете го клима уредот на умерено ниска температура, обично околу 22-24°C. Поставувањето на климата на премногу ниска температура не само што ја зголемува потрошувачката на гориво, туку може да предизвика и непријатност како што се настинки или главоболки. Во ситуации кога внатрешноста на автомобилот е веќе доволно изладена, користете ја функцијата за кружење на воздухот за да го одржувате ладниот воздух во возилото. На овој начин низ возилото циркулира студениот и свеж воздух до кој веќе е дојден, а се избегнува претворање на надворешниот топол воздух во посвеж воздух. На овој начин дополнително ќе го олесните моторот на возилото и погонските компоненти на клима уредот“, советуваат експертите.
Тие напоменуваат дека е пожелно да се избегнат прекумерните разлики во температурата помеѓу внатрешноста на возилото и надворешната средина.
Вентилирајте го возилото пред да возите
Пред да ја вклучите климата, отворете ги прозорците неколку минути за да го исфрлите топлиот воздух од внатрешноста на автомобилот. На овој начин ќе му помогнете на клима уредот побрзо да ја достигне саканата температура.
Исто така, погрижете се да ја исклучите климатизацијата кога паркирате на сонце. Ако е можно, паркирајте го возилото под сенка и користете заштитни навлаки за сонце за да го намалите загревањето на внатрешноста на возилото.
Доколку одите на патување, препорачливо е да се придржувате до следниве совети за да ви го олесните патувањето вам и на вашите сопатници:
- никогаш не тргнувате без течности (се препорачуваат вода и негазирани сокови)
- одморете се и редовно застанувајте на одредени места за одмор
- правилно регулирајте го клима уредот во возилото