Милијардерот Илон Маск моментално се наоѓа на врвот на листата на „Forbes“ на најбогати луѓе во светот. Со него се поврзуваат бројни контроверзии, а едната беше кога во јавноста протекоа два мејлови кои Маск им ги испратил на своите вработени, а се однесуваат на слушање музика, но и начинот на кој повисокото раководство треба да се однесува според неговите упатства.
Во првиот мејл Маск напишал дека поддржува слушање музика за време на работното време, како и сите други ситници кои можат да им помогнат на вработените повеќе да уживаат во својата работа. Тој им дал поддршка на сите што сакаат да носат слушалки, но да имаат слушалки само во едното уво за со другото да ги слушаат сите потребни информации.
Исто така, тој открил дека нема ништо против музиката од звучници, но само доколку работниците претходно се договорат околу нејзиниот избор. Освен тоа, тој ги поканил сите вработени да го контактираат доколку имаат идеи како да го подобрат својот ден, бидејќи навистина се грижи тие да се радуваат на доаѓањето на работното место.
Во вториот мејл, кој го испратил до менаџерите, јасно порачал како треба да постапат кога им испраќа упатства и како треба да се однесуваат кон него. Постојат три начини на кои тие треба да дејствуваат, во спротивно од менаџерите ќе биде побарано веднаш да го напуштат работното место.
Првата работа што можат да ја направат кога Маск ќе им испрати мејл е да му испратат повратен мејл во кој ќе објаснат зошто тој греши. Втората работа е во случајот мејлот да е напишан на двосмислен или нејасен начин да побараат дополнително објаснување, а третата работа е да го направат тоа што се бара од нив.
Ова е содржината на мејловите кои Илон Маск им ги испратил на вработените:
Тема: Музика во фабриката
„Само сакав да кажам дека многу поддржувам музика во фабриката како и сите ситници кои ја прават работата попријатна. Еден соработник тукушто ми испрати порака со прашање дали можеме да имаме една слушалка на увото, а со другото уво да слушаме околу нас. Тоа ми звучи добро. Исто така, амбиенталната музика од звучниците е потполно кул, сè додека меѓу вашите колеги постои разумна согласност за изборот на музиката. Ако постојат други нешта за кои мислите дека би ви го подобриле денот, јавете ми. Многу се грижам да се радувате на своето доаѓање на работа секој ден!“. Тоа било на 3-ти октомври, а потоа утредента следела нова електронска порака.
Тема: Ве молам, забележете
„Ако сум испратил мејл со експлицитни насоки, тогаш на менаџерите им се дозволени само три опции: 1) Испратете ми порака за да ми објасните зошто она што сум го рекол не е точно. Понекогаш едноставно грешам! 2) Побарајте дополнително објаснување ако она што сум го рекол е двосмислено 3) Следете ги инструкциите. Ако ништо од наведеното не функционира, од менаџерот ќе биде побарано веднаш да поднесе оставка. Ви благодарам, Илон“.