Со еден милион непријавени ноќевања годишно, секторот за издавање на сместувачки капацитети се претвора во значителен извор на непријавени приходи, оставајќи голем дел од даночните приходи ненаплатени.
Оваа практика не само што го оштетува државниот буџет за стотици милиони долари годишно, туку и создава нефер конкуренција меѓу оние кои ги почитуваат законите и оние кои избегнуваат даночни обврски
Експертите со коишто разговаравме велат дека е крајно време да се воведат строги мерки за регулирање на овој сектор.
„Со целосна имплементација на законските рамки и засилена контрола, може значително да се намали обемот на сивата економија, што ќе придонесе кон стабилизација на државните приходи и подобрување на условите за сите учесници во туристичката индустрија“, коментираат експертите.
Од друга страна, посочуваат тие, локалните општини и државната економија исто така би имале корист од зголемените приходи, кои би можеле да се инвестираат во подобрување на туристичката инфраструктура и промоција на дестинациите.
„Со зголемување на транспарентноста и одговорноста, туризмот може да се претвори во уште посилен столб на економијата, што ќе придонесе кон општествен и економски развој на државата“, објаснуваат економистите.
Според нив, главна причина за големиот процент на неформалната економија во туризмот, се немање на туристички инспектори, недостиг на регистри на категоризирани приватни сместувачки капацитети и станоиздавачи на локално ниво, а нема ниту прецизна статистика и можност за спроведување контроли за плаќање на туристичката такса, што повлекува затајување и на друг тип даноци во државата.