Анализата на Државниот завод за статистика покажува дека жителите на главниот град плаќаат најскапо месо, но зачудува што тетовци плаќаат најскап грав, додека струмичани најскап компир.
– Споредбата во цените покажува дека телешкото месо во Скопје се продава по просечна цена од 817 денари, додека најевтино плаќаат жителите на Штип, каде што телешкото месо во јули чинело 380 денари. Јунешкото месо жителите на главниот град го плаќаат 637 денари за килограм, додека пак штипјани повторно поминуваат најевтино и плаќаат помалку од половина цена, поточно 295 денари. И кај свинското месо има големи разлики, но не колку кај јунешкото. Свинското месо во Скопје се продавало просечно по 421 денар за килограм, додека најевтино било во Струмица, каде што чинело 313 денари. Што се однесува, пак, на крапот, единствениот тип на риба што е опфатен во анализата на Државниот завод за статистика, тој најскапо се продавал во Штип и чинел 389 денари за килограм. Најевтино оваа риба може да се купи во Тетово и Битола, каде што се продава по цена од 300 денари.
Од друга страна, кога ќе се направи споредба кај земјоделските продукти, зачудува што градот што некогаш важеше за најголем производител на грав во Македонија, но и највкусен грав, денес има највисоки цени на овој продукт. Гравот во Тетово во јули чинел рекордни 282 денара за килограм, додека најниска цена статистичарите нашле во Струмица, каде што чинел 142 денара. Од друга страна, струмичани плаќале најскап компир од 44 денари, додека овој продукт бил најевтин во Скопје и чинел просечно 26 денари за килограм.
Кај млечните продукти исто така има големи разлики. Кај омилениот млечен продукт, кашкавалот, исто така има големи разлики. Како најскап се издвојува Охрид, каде што жителите плаќаат 658 денари за килограм кашкавал, кој пак чини дури двесте денари помалку или точно 434 денари за килограм во Струмица. Битолчани, пак, плаќаат најскапо сирење од 570 денари за килограм, кое во Велес чини 480 денари. Струмичани, пак, имаат најскапо млеко од речиси 83 денари, кое во Тетово чини 65 денари за литар.
Според податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, вредноста на синдикалната минимална кошница за јули 2024 година изнесувала 60.570 денари и во споредба со јуни 2024 година, кога изнесувала 60.325 денари, е зголемена за 245 денари. Доколку семејството е во изнајмен стан од 60 квадрати, месечните трошоци се уште поголеми и достигнуваат 75.945 денари. Синдикатите подолг период алармираат дека платите на работниците не се доволни за покривање на месечните трошоци на едно четиричлено семејство и дека вредноста на платите опаѓа континуирано секој месец, за разлика од платите, кои и понатаму остануваат исти.