На 06.09 во Скопје, со потпишување на договорот за партнерство и официјално беше означен почетокот на соработката помеѓу компанијата Нелт и УНИЦЕФ на пазарот на Северна Македонија. Иницијативата ќе биде насочена кон подобрување на вештините на учениците од стручното образование преку практична настава, со фокус на развој на зелени вештини и нивна соодветна подготовка за пазарот на трудот.
На собирот по повод потпишувањето на договорот, до медиумите се обратија Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт во Северна Македонија, Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, како и државните претставници Изет Меџити, заменик премиер и министер за животна средина и просторно планирање и Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Партнерството има за цел над 500 ученици од стручното образование, кои се подготвуваат за кариери во природните науки, одржливоста, заштита на животната средина и ублажување на климатските промени, да се стекнат со практични знаења преку работа во јавни и приватни компании низ земјата. Исто така, се очекува дека 8.100 ученици ќе развијат зелени вештини поврзани со заштита на животната средина, зачувување на природата и климатските промени кои практично ќе ги применат во своите идни професии.
„Во Нелт Група сме посветени на интегрирање на ESG принципите на одржливост во сите аспекти на нашето работење. Преку дигитализација, инвестиции во обновливи извори на енергија и континуирана обука на вработените, активно придонесуваме кон одржливоста. Преку партнерството со УНИЦЕФ во Северна Македонија, им нудиме на младите можност да стекнат и дигитални и зелени вештини, кои се клучни за нивната конкурентност на пазарот на труд, но и за одржлива иднина. Свесни за предизвиците кои ги носат климатските промени, посветено работиме на намалување на негативното влијание на животната средина и околината. Со инвестиција од 330.000 американски долари во текот на три години, ќе ги зајакнеме младите преку практична обука во училиштата соодветно да се подготват за еколошките предизвици и климатските промени кои се наша реалност,“ изјави Сашко.
Имајќи предвид дека глобалната транзиција кон одржлива економија, со ниски емисии на јаглерод диоксид, ги трансформира занимањата, важно е учениците да стекнат стручни и широко применливи зелени вештини за да ги задоволат новите барања на пазарот на трудот. Изет Меџити, Весна Јаневска и Лесли Милер во своите обраќања истакнаа дека компаниите играат клучна улога во изградбата и отпорноста на заедниците. Со инвестирање во образованието и развојот на вештините на децата, компаниите не само што придонесуваат за општествената благосостојба, туку и обезбедуваат свој долгорочен успех во сè повеќе конкурентната и динамична глобална економија.
Глобалното партнерство помеѓу Нелт Група и УНИЦЕФ ќе биде фокусирано на зајакнување на образовните системи во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Ангола – некои од пазарите на кои работи Нелт Група.