Веста дека платформата „Conti “преку која многу македонски граѓани вложуваа и заработуваа од „гледање“ најави на филмови, ќе престане со работа ја вознемири јавноста затоа што многумина ќе останат без своите вложени пари во нова измамничка интернет шема.
Групата на „Телеграм“ која има околу 14.000 македонски членови, почнува да згаснува, а корисниците повеќе немаат приливи на Бајненс платформата за тргување со криптовалути.
„Здраво екипо, еве јас како админ да се огласам и изјаснам. Голема е веројатноста трансакциите да не се реализираат и тука нема што да се крие. Ве молам без обвинувања, никој не беше со сила натеран да вложува. Многу добија, а и многу изгубија, и тоа е факт. Колку знаете вие толку знае и градскиот агент и админите, -чисто да знаете. Сите ќе бидеме среќни да се од ова не е вистина, но мора да се соочиме со реалноста.
Значи никој не беше теран со сила ни да вложува, ни да залетува, еве лично јас го немав купено пакетот од 3000 $. По природа сум човек што размислува малку по разумно и не брза, што е најважно и во секој бизнис воедно.
Парите доаѓаат и си одат, да сме живи и здрави и Ве молам без обвинувања, секој беше свесен дека еден ден може да дојде до ова. Дај Боже да проработи, но и јас сум со доза на голема резерва така што, пак ќе повторам, да не се бара вината во некој друг, да се прифати целата ситуација смирено и да се размислува разумно.
Во иднина целиот проблем барајте го во системот на оваа држава кој е нефункционален и не тера на било кој начин да дојдеме до пари,не за друго ами за егзистенција“, напиша администраторот на групата на „Телеграм“ оградувајќи се од секаква одговорност, иако граѓаните го обвинија токму него за ширење на „Конти“ и убедување дека можат да заработува екстремно брзо .
Во последниве години, Македонија беше сведок на голем број онлајн финансиски измами, но малку која измама предизвика толкав шок како онаа на платформата „Conti “која според корисниците на Фејсбук и Твитер е наречена „виртуелен ТАТ “затоа што ќе им пропаднат и влоговите и заработените пари.
„Conti“ претставува апликација која на корисниците им нуди заработка преку гледање видеа. Апликацијата функционира околу една година. Во Македонија, луѓе вложувале од 100 до 3.000 долари и заработувале високи суми кои се плаќале преку криптовалути но од вчера граѓаните тврдат дека биле излажани и дека ги изгубиле парите. Сумата на вложени пари се движи некаде од четири до десет милиони долари, а сумата која требало да ја добијат како профит не тројно повисока од вложеното.
„Јас почнав од скоро да ја користам. Имаш пакети за уплаќање во крипто валута „usdt“ што е фиксно врзана со курсот на доларот. Можеш да уплатиш пакети и тоа од 50 усдт, 200, 500 и 1000. Само што мора по ред да уплаќаш, на пример не може само 500 усдт. Туку мора пакетот за 50, па пакетот за 200, па пакетот за 500. Значи вкупно 750. А ако сакаш можеш и само 50 да уплатиш.
Заработуваш со кликање лајкови на трејлери од филмови. Еден пакет трае 75 дена. При тоа за 25 дена го враќаш износот што си го добил, а до 75от ден износот е тројно повисок. Ако вложиш 250 долари, за 75 дена ќе добиеш 750 долари или заработка од 500 долари.
Предност е што заработените пари можеш да ги повлечеш во секој момент. Нема ограничување. Можеш ако сакаш и секој ден да ја повлекуваш заработувачката.
Ако вклучиш по препорака нови членови и од нив заработуваш и тоа 10% од нивниот влог и некоја мала сума процент од нивната дневна заработка. Меѓутоа нема притисоци од некои “менаџери” да мораш да вклучуваш нови членови како што е Лајконет. Кажуваш на познати, па кој сака нека се приклучи. Така функционора во мојот круг, ниту некој ми досаѓал, ниту јас досаѓам. Само кажуваш еднаш на познати, па нека си одлучи секој. И никако не убедувам со некакви измислени ветувања. И нема гратис ручеци и задолжителни средби со некакви “менаџери”.
Аплилацијата ја има на Google play store, што донекаде гарантира некаква безбедност, барем дека нема да ти украде податоци“, вели инвестирор во „Конти“ од Македонија кој не е сигурен до кога ќе трае платформата.
Изгледа како лесен начин да се заработи убава сума на пари, но најверојатно е нова пирамидална измама затоа што корисниците повеќе немаат приливи на Бајненс платформата за тргување со криптовалути од која потоа можеа да ги подигнат во било која валута. Голем дел од членовите на групата се со салдо нула. Дел од нив за да стигнат до заработувачка подигнале и кредити.
За платформата „Конти“ не може да се најдат многу податоци, бидејќи таа најчесто работи преку Telegram и функционира со препорачување на пријатели и идни корисници.
Граѓаните се регистрираат на апликацијата и се зачленуваат во групата. Задачите се гледање и лајкнување на трејлери за холивудски филмови, преку нивната апликација. Но, граѓаните не сфаќаат дека трејлерите (најавите) за холивудските блокбастери се јавно достапни видеа објавени на интернет, за кои филмските студија не мора да плаќаат за гледаност.
На веб страницата на Conti како контакт адреса стои лондонска адреса на зграда која издава евтини канцеларии на мали фирми. Фирмата во Велика Британија е регистрирана како Conti International Culture Limited во јули 2023 година, а како директорка и единствена сопственичка е наведена извесна Аманда Невил, родена во јули 1996 година.
Фејсбук страницата на Conti е формирана во јули 2023 и е управувана од две лица со локации во Кина и Обединетите Арапски Емирати. Инстаграм профилот е малку постар, креиран во август 2016 година, долго време пред да постои Conti.
Во 2022 година преку пирамидалната шема „Биг Комерц“, илјадници македонски граѓани беа измамени на сличен начин како и со Conti, и тогаш користејќи ја контроверзната апликација Бајненс.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи тогаш апелираше до граѓаните внимаат на овие апликации и да не наседнуваат на ветувања за големи приходи заработени на ваков начин.