Топлото време кое се задржува и во текот на есента на некој начин ја продолжи летната туристичка сезона. Туристичките работници сметаат дека ова лето беше поволно и за македонскиот туризам и сезоната велат дека поминала успешно, ако се прави некаков сублимат на периодот од јуни до почетокот на септември.
Странските гости се зголемуваат, но е проблем како да се зголемат домашните посетители и почесто да ги користат туристичките локалитети низ земјава. Како главни проблеми туристичките работници велат дека се недостатокот на кадар и сивата економија.
Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во август годинава во туристичките локалитети низ Македонија странците биле побројни во однос на домашните туристи. Доколку се направи споредба со истиот период лани, годинава има дури за 17, 2 отсто повеќе странски гости во однос на август 2023 година. Но, тоа не е случај и со домашните туристи. Тука статистичарите забележале намалување во однос на гостите кои биле во август лани и тоа за 1,6 отсто. Вкупниот број на гости за анализираниот период е зголемен за 7, 2 отсто.
„Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во август 2024 година изнесува 232 576, од кои 48.6 % се домашни туристи, а 51.4 % се странски туристи. Бројот на ноќевањата во август 2024 година изнесува 911 478, од кои 74.3 % се од домашните туристи, а 25.7 % од странските туристи. Во периодот јануари – август 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 8.3 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 0.9 %, а кај странските има зголемување за 14.4 %. Во периодот јануари – август 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 5.3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2.6 %, а кај странските има зголемување за 9.3 %“, стои во извештајот на Државниот завод за статистика.
Најголемиот број на гости од странство во август икмало од Турција, и тоа нешто над 50 илјади. На второ место се гостите од Србија со речиси 10 илјади лица, следуваат романските гости со шест илјади туристи, илјада помалку биле регистрирани гости од Холандија, нешто над четири илјади имало од Германија, две илјади од САД, Италија и Грција. Со нешто над илјада гости имало од Белгија, Австрија, Албанија Велика Британија, Бугарија, Словенија, Франција, Шпанија.
Туристичките работници велат дека имаат проблем со непријавените туристички објекти, каде несовесните граѓани изнајмуваат станови и соби без притоа да си ги подмират обврските кон државата. Со тоа тие прават нелојана конкуренција.
Целата вест прочитајте ја на: denar.mk