АЛКАЛОИД АД Скопје објави значителен пораст на приходите од продажби во периодот јануари – септември 2024 година. Според единечниот биланс на успех, компанијата оствари продажби од 9.997.468.062 денари, што претставува зголемување од 9% во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби достигнаа 14.236.125.924 денари, со пораст од 14%.
На домашниот пазар, консолидираните продажби бележат пораст од 20%, додека вкупниот извоз е зголемен за 12%. Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени во Македонија, а 68% на странски пазари, со најзначителен раст во Кипар и Грузија.
Во сегментот фармација, кој сочинува 90% од вкупните продажби, се бележи раст од 15%. Компанијата инвестираше 19,4 милиони евра во нов погон за производство на цврсти фармацевтски форми, како дел од стратегијата за модернизација и проширување на капацитетите.
Во 2024 година АЛКАЛОИД АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска. Имајќи предвид дека 68 % од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија.
Компанијата регистрираше и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив АЛКАЛОИД КАЗАХСТАН ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Во првите девет месеци од годината, компанијата оствари ЕБИТДА од 2.295.936.326 денари, зголемувајќи ја нето-добивката за 10%.
Во периодот јануари – септември 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 222 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 40.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.023 вработени, од кои 2.298 се во земјава, а 725 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Со планирани инвестиции од 10% од консолидираните приходи во нови проекти, АЛКАЛОИД очекува продолжување на растот и во 2024 година, со прогноза за достигнување на над 18,5 милијарди денари во продажби.
Целата вест прочитајте ја на: vecer.press