Германските компании стануваат сè попретпазливи при вработување нови работници, се истакнува во објавениот извештај на Институтот за економски истражувања IFO од Минхен за октомври.
Индикаторот што ја мери подготвеноста на германските компании за вработување падна од септемвриските 94 поени на 93,7 поени, што е најниско ниво од јули 2020 година.
Ситуацијата на пазарот на трудот со месеци е под влијание на негативен тренд, изјави раководителот на истражувањето на IFO, Клаус Волрабе.
Според него, во овој момент е поверојатно дека германските компании ќе отпуштаат работници, наместо да примаат нови.
Особено тешка е ситуацијата во германското производство, каде поради намалување на нарачките се намалува и потребата за работници, а слична состојба владее и во трговијата.
Меѓу давателите на услуги, позитивните и негативните одговори моментално се речиси во рамнотежа, и се очекува бројот на вработени да остане константен, што важи и за градежниот сектор.
Нови вработувања бараат пред сè компании кои работат во туризмот и ИТ секторот, се заклучува во извештајот.