Македонија останува омилена дестинација за туристите од Турција, кои и оваа година го предводат списокот на најбројни посетители.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, само во септември се евидентирани 134.829 туристи во Македонија, кои направиле 262.632 ноќевања.
Од вкупниот број на туристи, дури 75,4% биле странски, додека домашните туристи учествувале со 24,6%.
Учеството на странските туристи во вкупните ноќевања во септември изнесува 68,1%, со што земјата уште еднаш потврдува дека привлекува сѐ поголем број посетители од други земји.
Турските туристи, кои традиционално покажуваат силен интерес за Македонија, најмногу се привлечени од културните и од историските врски меѓу двете земји, како и од топлото гостопримство на локалното население.
Мехмет и Емре, двајца туристи од Истанбул, кои ги сретнавме во Старата скопска чаршија, ги споделија своите впечатоци од престојот во Скопје, нагласувајќи ја блискоста што ја чувствуваат со македонскиот народ.
„Прекрасно е да се биде во Скопје. Луѓето овде се многу љубезни и гостопримливи, секој човек е насмевнат и подготвен да помогне. Навистина уживавме во прошетките низ Старата чаршија и покрај Вардар. Ќе се вратиме тука и со нашите семејства“, вели Мехмет, кој заедно со својот пријател ја посетува Македонија за прв пат.
Емре, пак, вели дека се чувствува како дома.
„Јазикот ни е разбирлив, храната е слична, а луѓето се неверојатно топли. Македонија е посебно место за нас Турците и оваа земја ја гледаме како блиска пријателска дестинација“, додава Емре, кој ветува дека ќе ги охрабри своите пријатели и колеги да ја посетат Македонија.
Природната убавина, културните знаменитости и кулинарската понуда се некои од причините зошто сè повеќе Турци ја посетуваат Македонија.
Скопје, со своите историски градби, мостови и шарени пазари, останува популарен меѓу туристите од Турција.
Сепак, туристите не се ограничуваат само на Скопје – Битола, Охрид и Струга исто така се меѓу омилените дестинации.
Турските посетители се познати по нивното доживување на македонското гостопримство како особено искрено, што ги поттикнува повторно да се вратат.
Овие бројки и позитивните искуства на туристите укажуваат на важноста на туризмот во македонската економија.
Со поддршка и со промоција, Македонија може да продолжи да ги привлекува странските гости и да го зголеми своето туристичко присуство.