На Германија моментално и недостигаат околу 1.5 милиони работници, покажуваат последните податоци на германската служба за вработување, а освен за кадри без квалификации, на листата се наоѓаат и голем број непополнети позиции за кои е потребно високо образование.
Статистиката покажува дека најголем дел од отворените работни места се однесуваат на кандидати со средна и виша стручна спрема – дури 60 проценти, а потоа следуваат работните места за кои не се потребни квалификации (22 проценти). На крајот се професиите за кои е потребно високо образование (17 проценти).
Работниците од земјите надвор од ЕУ од 2020 година ќе можат полесно и подолго да бараат работа во Германија, па затоа уште од сега заинтересираните кандидати ги тријат рацете на овие податоци. Инаку, германскиот пазар на работна сила со години наназад се соочува со недостаток на стручни и квалификувани кадри и раст на бројот на пензионери, па затоа германската влада настојува минусот да го компензира со увоз на странска работна сила.
Либерализацијата која е донесена со новиот Закон подразбира сите квалификувани работници, без разлика на тоа дали имаат факултетска диплома или средно образование, да можат да влезат во Германија, па дури тогаш да бараат работа, односно да добијат работна дозвола во времетраење од шест месеци. Кога станува збор за признавањето на дипломата, работниците ќе можат да влезат во земјата, а во некои случаеви и да почнат со работа додека трае процесот на признавање на нивната диплома и квалификации.
И не само тоа. Од оваа година цената на работниот час во Германија ќе биде поголем и ќе изнесува 9,19 евра, а од 2020 година ќе се зголеми на 9,35 евра. Тоа значи дека нашите луѓе кои што работат во оваа земја за минимална плата, ќе заработуваат околу 1.550 евра месечно. Од друга страна пак, оние кои работат на висококвалификувани работни места може да заработат и над 4.000 евра.
Платата за доктор се движи од 2.500 до 4.000 евра, за возач околу 2.000 евра, а за ИТ професионалец може да биде многу повисока.
Најголемиот дел од слободните работни позиции се со полно работно време. Како што се очекуваше, најголем недостиг на работна сила има во Берлин, а голема побарувачка за работна сила има и во Штутгарт, Келн и Дизелдорф. Значајно помалку работни места има во Минхен каде што трошоците за живот се значително поголеми во однос на останатите градови од земјата.
Податоците покажуваат дека во изминатите 2 години, од балканските земји најмногу биле барани медицински работници и возачи со Ц категорија.
Иако на прв поглед ви се чини дека нашите луѓе кои заминуваат да работат во оваа западна земја може да бидат перачи на садови, негуватели или возачи, изгледа дека работите се менуваат, бидејќи побарувачката за странска работна сила за висококвалификувани позиции не била никогаш поголема.
ЛИСТА НА СЛОБОДНИ ПОЗИЦИИ ПО СЕКТОРИ КОИ МОМЕНТАЛНО СЕ СЛОБОДНИ ВО ГЕРМАНИЈА:
Банки, осигурување, недвижности – 18.839
Градежништво, архитектура – 135.451
Рударство, Обработка на камен и стакло, Керамика – 26.276
Административни работници, економисти – 152.000
Хемичари, биолози, фармацевти – 48.487
Електричари – 139.066
Туризам, угостителство – 60.715
Социјална работа, педагогија – 77.840
Медицина, негувателки – 119.059
Трговија – 130.736
Индустрија со дрво, хартија и пластика – 72.612
ИТ сектор – 66.398
Земјоделство – 16.347
Менаџмент, консалтинг – 34.800
Маркетинг, PR – 39.332
Медиуми, култура – 23.330
Метална индустрија, машинство, конструкција на возила – 282.436
Храна – 53.593
Право, даноци и финансии – 34.600
Текстил, кожа – 27.559
Превоз, магацини и логистика – 134.247