„Опен АИ“ вложува повеќе напори да ја истакне позитивната улога на „Чет-ГПТ“ во образованието, чие лансирање во ноември 2022 година го започна „лудилото“ на вештачката интелигенција и ја направи една од најбрзорастечките апликации во светот.
Вештачката интелигенција обучена со голем број податоци може да создаде целосно нова содржина слична на онаа создадена од човекот, помагајќи им на корисниците да подготват семинарски трудови, да ги завршат домашните задачи од областа на науката, па дури и да напишат цели романи.
Лансирањето на „Чет-ГПТ“ во средината на учебната година им постави низа предизвици на наставниците, бидејќи сфатија дека апликацијата може да се користи како алатка за мамење и плагијат, што потоа доведе и до забрана за користење во училиштата.
„Опен Аи“, која е поддржана од „Мајкрософт“ и други инвеститори и е проценета на 157 милијарди долари, формира специјален тим за поддршка на одговорното користење на вештачката интелигенција во образованието и учењето, предводен од поранешната извршна директорка на „Курсера“, Леа Белски.
- Мојата цел е да ја ставам вештачката интелигенција во рацете на секој ученик и секој наставник... и да ги научам како да ја користат одговорно и ефективно - изјавила Белски за „Ројтерс“.
Таа вели дека голем број студенти го прифатиле „Чет-ГПТ“, а родителите генерално даваат поддршка, гледајќи ги вештините на вештачката интелигенција како клучни за идните кариери. Курсот, наменет за наставници од градинка до средно училиште, им покажува како да го користат „Чет-ГПТ“ во различни случаи, како што се создавање содржина или поедноставување на состаноците.
Извор: fakulteti.mk