Под влијание на голем влажен бран кој ќе навлезе во Македонија од југ и од југозапад, во склоп со спуштањето на многу поладен воздух од север, од овој викенд, особено од утрешната ноќ кон недела, како и во недела и во понеделник насекаде во Македонија ќе има обилни врнежи од снег, па така насекаде ќе се формира снежна покривка, а сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, па токму поради ова ќе има и појава на снежни наноси, најави Славчо Попоски.
На многу места во Македонија ќе се формира позначителна снежна покривка (во градовите од 15 до 20 сантиметри, локално и над 30 сантиметри, додека на планинските места и на Скијачките центри се очекува нов снег со висина од над 50 сантиметри, па дури до околу еден метар).
Со овој голем снежен и ладен бран од север, снег и снежна покривка ќе се формира и во Скопската котлина, и тоа со висина од 10 до 15 стантиметри, а на околните планини, како и во повисоките предели од котлината таа ќе биде значително поголема. И во Скопје и околината ќе дува засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие ќе бидат многу ниски и насекаде ќе се спуштаат под нулата во ноќните и во утринските часови, а и преку ден тие на многу места ќе се движат до околу, па и под нулата, а само во југоисточните предели тие ќе се искачуваат само за неколку степени над нулата.
Во текот на следната седмица очекуваме наутро температурите да се спуштаат и под -10 степени, локално и до околу -15 степени. Студениот период ќе трае подолго време, судејќи според најновите ажурирања на прогностичките модели.
Извор: vecer.press