Позната авиокомпанија од САД соопшти дека на патниците може да им биде забрането влегување во авион доколку се боси, носат облека со пцовки или несоодветни пораки.
Една американска авиокомпанија се најде во центарот на вниманието откако воведе построги правила за облекување на патниците. Компанијата Spirit Airlines соопшти дека е принудена да го заостри кодексот за облекување поради инциденти со непримерна гардероба.
Новите правила забрануваат на патниците да се качуваат во авион доколку се боси, несоодветно облечени или носат облека со навредливи натписи.
Авиокомпаниите во САД воведуваат построги критериуми
Во јануари, Spirit Airlines ги ажурираше своите правила и сега јасно наведува дека патниците нема да можат да се качат во авион ако се боси или несоодветно облечени (што вклучува проѕирна облека, недоволно покриени делови од телото и експлицитно откриени гради, задник или интимни региони).
Исто така, забраната се однесува и на облека и тетоважи со вулгарна, непристојна или навредлива содржина, како и на патници со непријатен мирис, освен ако станува збор за медицинска состојба, пренесува Euronews.
Овие правила беа воведени откако патници се обидоа да се качат во авион носејќи кратки топови и маички со навредливи натписи.
Други американски авиокомпании веќе имаат слични правила. United Airlines има право да одбие патници ако се боси, несоодветно облечени или носат навредлива облека, додека Delta Air Lines наведува дека патниците ќе бидат отстранети доколку нивната облека, хигиена или мирис предизвикуваат непријатност кај другите патници.
Европските компании исто така применуваат правила за облекување
Иако европските авиокомпании ретко истакнуваат кодекс за облекување на своите веб-страници, строги правила сепак постојат.
Член на кабинскиот персонал на една европска авиокомпанија изјави за британскиот The Sun дека екипажот има право да им забрани влез во авион на патници кои не се соодветно облечени.
Особено беа предупредени патниците на Jet2, Ryanair, TUI и EasyJet, бидејќи овие превозници се познати по спроведување на кодексот за облекување.
„Маици со пцовки или навредливи логоа често се проблем. Од патниците редовно се бара да ги покријат или да ги сменат пред да се качат во авион,“ изјави извор од кабинскиот персонал.
Овие правила предизвикаа поделени реакции – додека некои го поддржуваат построгиот кодекс на облекување во авионите, други го сметаат за ограничување на личните слободи.